Велосипедска парада утре во Скопје

По повод Европската недела на движење, која оваа година во цела Европа и пошироко се одржува под мотото „Чист воздух – ти си на потег“,  во петок (20 септември) во Скопје ќе се одржи голема велосипедска парада. Настанот ќе се одвива во периодот од 10.30  до 13 часот, во Скопје, во организација на Градот Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање и делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

 

Целта на манифестацијата е на граѓаните да им се пренесе пораката дека преку личен избор на начинот на своето движење и изборот да користат велосипед, јавен транспорт или пешачење наместо своите автомобили, имаат можност да дадат свој придонес за подобрување на квалитетот на воздухот во градот и подобрување на својата животна средина.

Велосипедското дефиле ќе стартува кај Портата Македонија, а ќе заврши во Градскиот парк, каде што ќе се организира лотарија за доделување на 16 велосипеди и 2 „тетоважи” за велосипеди на учесници во дефилето, како и саем на велосипеди од познати светски брендови, но и бесплатна работилница за поправање велосипеди.

Учесници во велосипедското дефиле се ученици од сите средни училишта во градот и граѓани кои се љубители на велосипедизмот, здравиот начин на живеење и чистиот воздух.

Под мотото „Во град без мојот автомобил“, општинските власти ги повикаа граѓаните да ги остават паркирани своите возила и да се одлучат за јавниот градски превоз, да ги земат своите велосипеди, или да пропешачат до своите работни места, со што ќе дадат и свој личен придонес за зачувување на животната средина.