„Веро“: Работничката прекрши повеќе правила и процедури во работењето

„Веро“ е социјално одговорна компанија, која е присутна на македонскиот пазар веќе 20 години, и многу добро ги познава и целосно ги почитува локалните закони и правните рамки на работењето и грижата за вработените. Во ниту еден случај компанијата не би дозволила нивно повредување, стои во реакцијата на „Веро“ испратена до медиумите, откако Кети Лешко тврдеше дека е неправедно отпуштена од маркетот кај АМСМ, а денеска се одржа и протест за поддршка на работничката.

Во однос на случајот со прекинување на договорот на нивната вработена, „Веро маркети“ тврдат дека компанијата нема направено никакво прекршување на правната процедура.

„На вработената и е прекинат менаџерскиот договор, поради сериозно прекршување на повеќе правила и процедури на работењето. Со непрофесионално однесување, неетичен однос и злоупотреба на позицијата раководител кон вработените на кои она им е претпоставена прекршени се повеќе членови на договорот кој таа го има потпишано“, велат од „Веро“.

И покрај сериозното нарушување на компаниските пракси и политики, а имајќи ја предвид нејзината семејна ситуација, велат од „Веро“, на работничката ѝ биле понудени три алтернативни решенија за вработување, но таа ги одбила.

„Сакаме да ја информираме пошироката јавност, медиумите, нашите потрошувачи и нашите партнери дека во Веро маркетите, секогаш го имаме предвид интересот на повеќе од 1.000 наши вработени, како и темелно почитување на законите и регулативите во Македонија“, стои во реакцијата на „Веро“ испратена до медиумите.