Компјутерски софтвер со помош на вештачка интелигенција направил „нови“ песни од музичари како Нирвана и Ејми Вајнхаус, во проект за подигање на свеста за менталното здравје.
Организацијата „Преку мостот“ (Over The Bridge), со седиште во Торонто, состави музичка компилација наречена „Удавени во Сонцето – Изгубените песни од Клубот 27“ создадена од вештачка интелигенција „од“ музичари кои починале на 27 години.
„Што доколку сите овие музичари кои ги обожаваме имале поддршка за менталното здравје? Некако во музичката индустрија депресијата е нормализирана и романтизирана… на нивната музика се гледа како на автентично патење“, објаснува Шон О Конор, од „Преку мостот“.
Новосоздадената музика е достапна на Јутјуб.
Софтверот за вештачка интелигенција кој се користел е Гугл Магента, кој разгледува претходни дела од музичарот и создава музика во сличен стил. За правење на текстот бил користен друг софтвер, кој исто така бил базиран на вештачка интелигенција.
„За да покажеме на светот што се губи во оваа криза со менталното здравје, „Преку мостот“, организација која сака да ги поддржи музичарите да ги вратат своите животи по тешкотиите со нивното ментално здравје, користи вештачка интелигенција за да создаде албум кој Клубот 27 никогаш немаше прилика да го направи. Преку музиката ги охрабруваме инсајдерите од музичката индустрија да ја добијат потребната поддршка за менталното здравје за да можат да продолжат да создаваат музика која сите ние ја сакаме во годините кои следуваат. Бидејќи вештачката интелигенција никогаш нема да го замени она вистинското“, стои во објаснувањето од организацијата.
Покрај Нирвана и Вајнхаус, организацијата направила „нова“ музика и од Џими Хендрикс и Џим Морисон.