Вештачката интелигенција е корисна за сите, но само доколку се користи етички – дебата за етиката на ВИ во високото образование

Кои се предизвиците во високото образование поврзани со користењето на ВИ алатки, потребата од воспоставување баланс помеѓу иновацијата и академскиот интегритет, како и важноста од меѓусекторска соработка во креирањето на политиките за вештачка интелигенција. Oва беа темите во рамки на настанот „Етичка употреба на вештачката интелигенција: Кој ја има контролата – луѓето или алгоритмите?“, во организација на германската Фондација за слобода „Фридрих Науман“ (ФНФ), Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Националното студентско тело (НСТ).

Во рамки на настанот беше организирана и панел дискусијата на тема „Етиката на ВИ во високото образование: Навигација низ предизвици и можности“ на која говорници беа министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, претседавачот на Националното студентско тело, Александар Николовски, професорот на Филозофски факултет при УКИМ, д-р Боби Бадаревски и м-р Јована Добрева од ФИНКИ, а модератор беше Александар Ристевски од Националното студентско тело.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски посочи дека МДТ развива механизми и политики за заштита на информациите поврзани со ВИ системите, со посебен акцент на безбедноста и приватноста на граѓаните.

„Во време кога светот зборува за деструктивни технологии и вештачка интелигенција, големо задоволство е да видиме дека младите разгледуваат конкретни предлози и идеи и ги насочуваат кон институциите со цел да се надминат и заеднички да се справиме со предизвиците кои произлегуваат од употребата на вештачката интелигенција. Но, би сакал да нагласам дека со предизвиците нема да се справување еднаш засекогаш, туку ќе треба постојано да развиваме политики и начини за употреба во работењето на вештачката интелигенција“, истакна министерот Андоновски.

Андоновски нагласи дека Министерството за дигитална трансформација е целосно посветено на поддршка на образовните институции во прифаќањето на ВИ како алатка за подобрување на образованието, а истовремено се залага за подигање на свеста за етичките импликации од нејзината употреба.

„Една од клучните задачи пред нас е да го унапредиме образовниот систем преку интеграција на вештачката интелигенција, но секогаш со почитување на етичките стандарди. Веруваме дека со правилен пристап, ВИ може значително да го подобри квалитетот на учење и истражувачката работа, како и да поттикне иновации во високото образование“, додаде министерот Андоновски.

Претседавачот на Националното студентско тело, Александар Николовски, истакна дека преку организацијата на вакви и слични настани, целта е да се подигне свеста за користење на ВИ во високото образование.

„Важно е што токму студентите го имаат главниот збор во мапирање на предизвиците, но и изнаоѓањето на решенија кои директно се испраќаат како препораки до надлежните институции за етичко користење и регулирање на користењето на вештачката интелигенција.“, посочи Николовски.

Јована Добрева, асистентка на ФИНКИ при УКИМ, посочи дека е неопходно регулирање на генеративната вештачка интелигенција.

„Денеска гледаме генеративна ВИ, како ChatGPT, која се користи насекаде, но не постои сигурност дека податоците кои ги користиме се целосно и вистински точни. Доаѓа и до потенцијални опасности кои се во доменот на расистички и националистички информации кои што не се научно поткрепени. Тука главна улога играат и правната регулација која веќе ја презема Европската Унија, каде што се ставаат одредени етички ограничувања на генеративната вештачка интелигенција, т.е. се насочиме кон тоа да биде асистивна технологија, односно технологија која ќе биде поддршка на човекот“, истакна Добрева.

Настанот „Етичка употреба на вештачката интелигенција: Кој ја има контролата – луѓето или алгоритмите?“ започна со работа во групи на повеќе од 45 студенти, нивни професори ментори и менторки, како и претставнички и претставници на различни граѓански организации, стопански комори и слично. Теми на кои се бараа решенија и предлози на тема „Етичка употреба на вештачката интелигенција (ВИ)“ беа:  етичката употреба на ВИ во наставата и учењето; етичката употреба на ВИ во академските истражувања; и етичка употреба на ВИ во универзитетската администрација.

Овој настан, како што велат од ИДУЕП е прв од ваков тип кој на едно место ги обедини претставниците на универзитетите, креаторите на политики во делот на дигиталната трансформација, како и студентите со цел организирање на интерактивна работилници и дискусија за етичките предизвици и можности што ги носи вештачката интелигенција во високото образование.