Спортско-рекреативниот клуб „Соларис“ и хотелот „Боград“ од Струга, со поддршка на Здружението „Ретки болести“ од Охрид и „Живот со предизвици“ од Битола во сабота организираат веслачка тура со кајаци под мотото „Весламе за ретките“, која треба да започне во 9 часот кај селото Враништа, a на која е предвидено да учествуваат околу 30 кајакари, меѓу кои и лица со ретки болести.
Струшките кајакари, ентузијастите и поддржувачите на лицата со ретки болести годинава по вторпат ќе ги разбрануваат водите на реката Црн Дрим и езерото Глобочица, велат од „Ретки Болести“.
„Идејата да организираме ваков настан дојде сосема спонтано и после првата тура, која помина многу успешно, годинава се охрабривме да ја подигнеме на повисоко организациско ниво. Целта е преку овој настан е да се привлече внимание за потребите на овие лица и да се апелира кон релевантните институции да бидат брзо идентификувани, правилно дијагностицирани и соодветно лекувани“, вели Шериф Кадриоски, иницијатор на настанот и сопственик на хотелот „Боград“.
Претседателот на СК „Соларис“ Коста Хиохи вели дека оваа година како новина иницирале поголема бројност во кајакарскиот спуст, но и учество на лица со ретки болести на настанот.
„Ќе се весла низводно од селото Враништа до селото Глобочица во вкупна должина од 16 километри“, најави Хиохи.
Со овој несекојдневен настан, тие посочуваат дека им се дава поддршка на големата заедница во светот, претставувана од 300.000.000 пациенти со ретки болести во нивната борба за навремена точна и бесплатна дијагноза, пристапност и достапност на лековите кои значат живот.