„Не е точно дека предметите философија и логика се исклучени од концептот за реформа во гимназиското образование“, посочи вчера го министерката за образование и наука Весна Јаневска, откако триесетина гимназиски професори по философија, логика и етика преку отворено писмо остро предупредија дека новата Концепција за реформи во гимназиското образование предвидува отстранување на овие предмети од наставната програма, промена што според нив ќе создаде генерации ученици со ограничено критичко размислување и недостаток на етичките и логичките принципи.
„Ниту предметот философија, ниту предметот логика се исклучени. Но, како и да е, ова е драфт-верзија поставена на јавна расправа. Сега прибираме сугестии, забелешки, предлози и откако ќе заврши јавната расправа ќе донесеме дефинитивен јавен заклучок“, рече Јаневска.
Посочи дека пред неколку дена била на средба со професорите од Философскиот факултет, со кои имала конструктивни разговори и од кои очекува поддршка, но и препораки, првенствено во корист на учениците.
Од друга страна, професорите преку реакција рекоа се отстранети философијата и општествено-хуманистичките науки и концепцијата нуди ограничен светоглед без можност за аналитичко, синтетичко, критичко и креативно мислење.
„Критичкото мислење почива на логички основи. Како ќе мислат учениците ако не ги знаат законите на логиката. Како ќе бидат доблесни, ако не ги знаат начелата на етиката. Етиката е единствената наука чиј проблем на изучување се доброто и злото, среќата и несреќата, страдањето и радоста. Ниту математиката и природните науки, ниту општествено – хуманистичките науки, нема да ги научат учениците во што се состои човечката среќа“, стои меѓу другото во реакцијата на професорите.
Концепцијата е достапна на официјалната страна на Бирото за развој на образованието, а коментари можат да се испраќаат најдоцна до 31 јануари на е-адресата: javnarasprava@bro.gov.mk.