„Не треба да загрижуваат сликите на млади луѓе што протестираат. Треба да не загрижува ако не се случува тоа”, порача германскиот шеф на дипломатијата Гидо Вестервеле на форумот на „Дојче Веле” во Бон.
Ваквата оценка тој ја даде во контекст на Турција и „Арапската пролет“, но ја упати на сите земји во кои граѓаните покажаа дека сакаат да бидат дел од политичките процеси, да учествуваат, а не само да набљудуваат, пренесе „Утрински весник“.
Според Вестервеле, младите кои страдаат од автократски режими и немаат можност да партиципираат, сонуваат за тоа. Секој лидер демократ, додаде тој, треба да биде задоволен ако неговите граѓани бараат да бидат вклучени во политичкиот живот и ако притискаат за социјален, културен, економски и политички успех.
„Слободните општества се економски успешни општества. Ако не сте посветени на тоа, губите многу. Слободата на медиумите е исто што и слобода на изразување”, порача Вестервеле.
Како изгледа таа слобода, Вестрвеле покажа и на личен пример. На прашањето како ја коментира новата регулатива во Русија против “хомосексуалната пропаганда”, Вестервеле одговори дека треба да се почитува правото не секој да живее на начин што самиот го избрал.
„Смешно е да не зборувам за ова од личен аспект”, рече тој додавајќи дека и тоа што моќна држава како Германија има жена канцелар ги прави смешни расправите за рамноправноста на жените, па сето ова го дефинираше како знак за модернизација, пишува Утрински.