Со оглед на тоа дека вевчанскиот дух нема мир ниту еден ден во годината, бројни настани и летово се дел од културната програма во Вевчани. Во тек е одржувањето на „Вевчанско културно лето 2014“ и 29-та Меѓународна културна научна манифестација „Печалбарски денови“ во оваа општина во чии рамки се организираат ред културни настани, изложби и промоции, со гости од Македонија и од странство.
Денеска, 7 август, за вевчанци познат како,, Денот на водата’’, е најавен концерт на групата „Брасс Брадерс“. Влезот е слободен, а концертот ќе се одржи во центарот на Вевчани. Во месец август, на програмата на ,,Вевчанското културно лето 2014’’ се најде прикажување на филмот ,,Трето полувреме’’, како и и отворање на изложбата на уметнички слики од вевчанскиот автор Перо Шутиноски.
Оваа година, Вевчанското културно лето беше отворено со петтата по ред Меѓународна ликовна колонија ,,Вевчански видувања’’, во која зедоа учество над 30 еминентни уметници од Македонија, Русија, Грција, Франција, Србија и Египет. Задачата на колонијата да ги обедини домашните и светските уметници да го насликаат Вевчани и неговите убавини и оваа година беше успешна и со тоа се продолжи соработката меѓу Вевчанци и светот.
Во рамки на „ВЕВКУЛ 2014“ беа промовирани повеќе книги меѓу кои „Михајло Пупин – Идворски“ од авторот Милан Божиќ, ,,Вевчаница’’ од Мијурко Вукадиновиќ, како и промоцијата на романот ,,Јадица’’ од Владимир Плавевски. Потоа следуваше изложбата на стари фотографии од Стојан Кукунешоски, па изложбата која разбуди многу воздишки и смеа меѓу присутните , изложба на карикатури од Меѓународнот конкурс на тема ,,Адам и Ева на карневалот’’, каде првата награда отиде во рацете на светски познатиот Иваило Цветков од соседна Бугарија.
За најмладите пак беше организирана креативна драмска и костимографска работилница на која најмладите се здобија со практични вештини и знаења преку предавањата на писателката Татјана Гогоска, режисерот Томче Стојков и дизајнерката Елена Максимовска.
Еден од главните настани кој го одбележа ова културно лето е формирањето на ,,Академијата за убави уметности – Вевчани (АУУВ)’’, која почива на вековните вевчански културни и уметнички традиции и обичаи. Преку неа целосно ќе се афирмира и поддржува развојот на вевчанската уметност и креативност .
,,Вевчанско културно лето 2014’’ , како и 29-та Меѓународна културна научна манифестација „Печалбарски денови“ Вевчани завршува на први септември со доделувањето на уметничка слика на секое прваче од авторот Живко Цветин.
Целта на целиот ваквите културни настани е докажување на вевчанската автентичност, издигнување на културната свест како на младите така и на секој човек во Вевчани и за Вевчани.
Даница Караташова