Хрватскиот вицепремиер и министер за земјоделство, шумарство и рибарство Јосип Дабро поднесе оставка, за што ја информираше јавноста преку социјалните мрежи вчеравечер, откако Јутарњи лист објави видео на кое тој пука со пиштол од автомобил во движење низ прозорецот, пренесува Ал Џазира Балканс.
„Ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од функцијата министер за земјоделство, шумарство и рибарство од морални причини. За време на мојот мандат се водев од јасна визија и решеност да ги воведам многу потребните промени во Секторот за земјоделство, шумарство и рибарство, борба против неправилностите и воспоставување транспарентни и фер односи во мојот ресор. Но, во тој процес се соочив со значителни притисоци и закани, а моментално сум под полициска заштита“, напиша Дабро на својот Фејсбук профил.
Иако сум подготвен да ја продолжам борбата за подобрување на ресорот што го водев, свесен сум дека околностите во кои се наоѓам создаваат дополнителен товар и за Владата и за мојата партија, додаде тој.
„Како одговорно лице и јавен функционер, сметам дека мојата лична состојба не смее да го оттргне вниманието од клучните приоритети на Владата и ресорите, ниту да ги забави понатамошните реформи кои се неопходни. Затоа, со целосно уверување дека ова е најдобрата одлука за општо добро, се повлекувам од мојата функција“, рече тој и додаде дека ќе остане посветен на својата професија и ќе придонесува за заедницата на други начини.
Тој поднесе оставка откако Јутарњи лист во петокот попладне објави видео на кое се гледа како пука од пиштол од совозачкото седиште низ прозорецот на автомобил во движење, за што прво се извини и изрази жалење, додавајќи дека инцидентот се случил пред неколку години и дека испукал маневарски куршуми во „момент на непромисленост“.
Премиерот Андреј Пленковиќ ќе го разреши Јосип Дабра од функцијата вицепремиер и министер за земјоделство, шумарство и рибарство, откако синоќа разговарал и побарал од него да поднесе оставка, изјави денеска владиниот портпарол Марко Милиќ.
До именувањето на нов министер, изјави Милиќ, со Министерството за земјоделство, шумарство и рибарство привремено ќе раководи државниот секретар Тугомир Мајдак.