Во вторникот Владата пренаменила средства од и онака минималните 2 милиони евра предвидени за намалување на аерозагадувањето!, реагира организацијата „О2 Иницијатива“, објавувајќи и видео на Фејсбук со име „Макрадули, ветувања, (не)реализација – План за чист воздух“.
Во продолжение, целата реакција на „О2 Иницијатива“ и видеото:
„Пренаменила за гасификација на болницата во Струмица, која беше ветена од министерот за здравство Венко Филипче, заедно со гасификацијата на Мајка Тереза (гинекологија) во Чаир и болницата во Куманово, независно од Владината Програма за намалување на аерозагадувањето за 2019 објавена во Службен весник, 28.1.2019.
Од програмата, само ЕДНА јавна набавка во висина од €439 илијади за опрема и уреди за замена на нееколошки системи за греење во јавни објекти е објавена, каде рокот за доставување на понуди заврши во вторникот СЕГА, пред почеток на новата грејна сезона! Замена на печките во домаќинствата кои од уста не ги извадивте, ја нема НИКАДЕ! Каде се зелените ѕидови во градинките и училиштата, 0.5 км зелениот ѕид по Водњанска!
Од 2 милиони евра, НИШТО не е завршено, имплементирано, а за повеќе од половина на средствата ниту започнато. И уште средства се ПРЕНАМЕНЕТИ!
Ваков аматеризам, ваква негрижа, непрофесионалност, вакво лажење на народ со милион пресови и презентации, само терање ПР, за еден од најсериозните, најгорливите проблеми кој чини над 3,200 животи секоја година и ги полни болниците, има само еден одговор, кој нема да го исполните, зошто сте неодговорни и несовесни, ваша неотповиклива ОСТАВКА.
Јани Макрадули со оглед дека застанавте зад План за чист воздух свесен за одговорноста и ветивте „воздухот пошто е ист, Ви гарантирам ќе биде чист“, прв да си поднесете оставка. Ова е СРАМ за сите, се срамиме што сме жители на ваква држава, која не може една програма за намалување на аерозагадувањето од 2 милиони евра да спроведе како треба при енормно аерозагадување, уште стратешки приоритет при тоа!
СРАМОТА“, се вели во реакцијата на „О2 Иницијатива“.