Новинарот и видеоавтор Јордан Дуков една година од прозорецот на својот дом фотографирал луѓе кои ги пребаруваат блиските контејнери во надеж дека во нив ќе пронајдат храна. Според авторот, видеото е изработено волонтерски, за денеска, на Светскиот ден на храната, овие потресни слики да потсетат дека постојат многу луѓе за кои храната претставува тешко достапен луксуз. Монтажата е на Доријан Миловановиќ, а музиката е на Драган Гоцевски.
Светскиот ден на храната се празнува секоја година на 16 октомври, во чест на основањето на Организацијата за храна и земјоделие на Обединетите нации во 1945. Црвениот крст на Македонија од денеска до 22 октомври спроведува кампања по повод Денот на борба против гладта, во која граѓаните може да донираат храна или парична помош на мобилните телефонски броеви: 070/075/077 143 400 и на жиро сметката на Фондот на солидарност 370011100019943, Еуростандард Банка, Црвен крст на град Скопје.