Швеѓанката Рут Ларсон која има 103 години постави нов светски рекорд за најстар човек кој завршил тандемски скок со падобран, јавува „Евроњуз“. Подвигот го направила заедно со падобраецот Јоаким Јохансон во градот Мотала.
„Беше прекрасно да се направи ова, долго време размислував за тоа“, објасни таа.
На местото за слетување ја чекаа нејзиното семејство и пријателите.
„Во денешно време не гледам толку добро, но се чувствував добро“, одговори таа на прашањето што видела за време на нејзиниот скок.
Официјален претставник од Гинисовата книга на рекорди беше присутен на самото место за да го сними скокот.
Ларсон која има 103 години и 259 дена, го собори претходниот рекорд на падобранка која за време на скокот имала 103 години и 181 ден.
„Имаше една Американка која го собори рекордот, па јас морав да го соборам нејзиниот“, рече Ларсон.