Американскиот новинар Еван Гершкович денеска беше осуден на 16 години затвор во Русија, откако беше прогласен за виновен за обвиненијата за шпионажа, за кои тој, медиумот каде што работи – „Волстрит журнал“ и американската влада ги отфрлија како политички мотивирани, пренесува Радио Слободна Европа.
Судот ја донесе одлуката веднаш по сослушувањето на завршните зборови, односно еден ден откако медиумот и американскиот Стејт департмент побараа негово итно ослободување.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во Москва одби да одговори на новинарско прашање за причините за забрзаниот процес на донесувањето на судската одлука, велејќи дека не може да ја коментира. Тој додаде дека судењето на Гершкович се одвивало зад затворени врати поради „чувствителноста на случајот“.
A court in Yekaterinburg has convicted Wall Street Journal reporter Evan Gershkovich of espionage and sentenced him to 16 years in a high security penal colony. The trial has been dismissed as a ‘sham’ by US officials & the WSJ. pic.twitter.com/1tSodId4pR
— Steve Rosenberg (@BBCSteveR) July 19, 2024
Судењето, кое започна на 26 јуни, се одржа зад затворени врати во Регионалниот суд во Свердловск во градот Екатеринбург, откако беше поместено од 13 август на барање на одбраната.
Гершкович беше уапсен во Екатеринбург на 29 март лани, додека беше на новинарска задача.
Потоа беше обвинет дека се обидел да добие информации за фабрика што произведува тенкови за руската војна во Украина и да ги предаде на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА).
Тој е првиот американски новинар кој е уапсен под обвинение за шпионажа во Русија по Студената војна.
Гершкович е 32-годишен син на имигранти од поранешниот Советски Сојуз, роден во САД.
„Волстрит журнал“ и американската влада силно ги отфрлија наводите за шпионажа, велејќи дека Гершкович кога бил уапсен само ја вршел својата работа како акредитиран новинар.