Од неодамна Сончарките живеат и во водите на Охридското Езеро. После подолга обсервација на овој интересен вид риба кој природно не припаѓа во ендемичниот екосистем на Охридското Езеро, забележавме многу интересни моменти особено во нејзиното однесување за време на мрестење. Тие главно се хранат со инсекти и ларви, а широко распространетите перки во текот на нејзиното движење претставуваат одбранбена функција, соопшти Јован Секуловски од нуркачкиот центар „Амфора“.
„Амфора“ објави и видео, каде вели дека е прикажано нејзиното најагресивно и најчесто однесување – „фронтална закана“, карактеризирана со брзо нафрлување, удирање и бркање на рибите кои се во непосредна близина.
„Доколку сончарката се чувствува инфериорна во обидот да ја одбрани територијата најчесто бојата и потемнува од страните. Сезоната на мрестење е обележана со присуство на мажјаци на плитки, кружни гнезда кои истите ги бранат од другите сончарки од причина што најчесто ги градат овие гнезда во групи, а и мрестилиштата им се во непосредна близина“, вели Секуловски од „Амфора“.
По завршување, групата сончарки ја напушта локацијата на мрестот. Според Секуловски, најчесто ги има во плитки води на длабочина од 3-5 метри, но забележале и повеќе јата на длабочина од 10-15 метри во присуство на други риби.
Целокупното однесување може да се забележи во текот на неколку наврати на видеото.