Со доделување на признанија за осуммината најдобри наставници и стручен кадар, денеска кај нас беше одбележан Светскиот ден на наставниците- 5 октомври.
Од Министерството за образование и наука им го честитаа денот на просветните работници, Радио МОФ пак направи анкета меѓу граѓаните, за тоа што мислат тие за денешните наставници, но и дали се сеќаваат на својот најдобар учител.
За време на свечената академија по повод Светскиот ден , на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, ресорниот министер Спиро Ристовски истакна дека наставниците се важен дел од општеството.
„ Треба да се поработи на подобрување на статусот и перцепцијата на наставникот во општеството. Тоа не треба да биде страв од наставникот, како што имаше во минатото, но да се најде вистинскиот начин преку кој наставникот ќе ја добие целосно и достојно својата улога“, рече министерот.
Претседателот на СОНК пак, Јаким Неделков пак истакна дека е задоволен од социјалниот дијалог со Владата, од инвестициите во образовната инфраструктура, но и од најавата за зголемување на платите за јавниот сектор .
„ Сега не сме на претпоследното место со плати во јавниот сектор, како пред шесет-седум години, туку сме во горниот дел од табелата. Тоа не е состојба со која се задоволуваме, туку и понатаму постојано пред надлежните покренуваме иницијативи и барања за подобрување на состојбата“, рече Неделков која сепак побара подигнување на статусот на просветните работници.
Светскиот ден на учителот се одбележува од 1966 од Интернационалата за образование која обединува наставници и воспитувачи од 166 земји. Македонија е член од 1995 година од кога и го чествува овој ден. Годинава мото на светското одбележување на 5 Октомври е „Ангажирање за квалитетно образование“.
Анкета: Љупка Спасовска и Наталија Јосифоска