Поголема поддршка од наставниците и соодветни услови за работа се клучни за асистентите на учениците со попреченост да може да ја извршуваат својата работа.
На оваа тема, по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, дискутиравме „На час“ со дефектологот Елеонора Наумоска и психологот Дарко Медарски кои работат како личен и образовен асистент во основни училишта.
Наумоска забележува дека недостасува наставен кадар кој ќе може да работи со овие деца. Ова ја отежнува нејзината работа бидејќи како што вели, некогаш е принуден да се стави во улогата и на педагог, психолог и дефектолог. Таа се грижи за ученик во второ одделение така што го следи неговиот развој на училиште и дома, но забележа дека огромен дел од обврските ги извршува целосно сама.
„Јас правам материјали за детето бидејќи никој не ми дава материјал, одиме на логопед и правиме класификација со боја, по форма… целата дефектолошка работа“, објасни таа.
Слична е работата и на Медарски кој е образовен асистент во основното „Димо Хаџи Димов“ во Карпош. Тој е задолжен да го олесни учењето на ученик кој има АДХД. Заедно работат на дисциплина и мотивација.
„Ништо не почнува и завршува со училиште“, смета Медарски.
На Час – Дискусии за подобро образование
На Меѓународниот ден на лицата со попреченост, во емисијата #НаЧас гостуваат Елеонора Наумоска, специјален едукатор и рехабилитатор и Дарко Медарски, психолог.Разговараме за тоа до каде е инклузијата во образованието, каква е работата на образовните асистенти и што ќе се случи откако ќе завршат проектите. Следете Радио МОФ!
Posted by Радио МОФ on Tuesday, 3 December 2019
Според него, поддршката од наставниците е важна, бидејќи тие се оние кои мора да ја одржуваат дисциплината на час за да може тој да работи со ученикот. Но, и Медарски забележува дека недостасуваат основни услови за работа.
„За дете со АДХД важно е да се истрча, да има пилатес топки, да скока, да има посебна просторија… Јас со претходното дете буквално импровизирав, немав услови. Најдов безбедна просторија каде ќе се истрча, или јас со него ќе се истрчам за да му биде интересно, но тоа беше во еден дел од ходникот каде другата врата беше заклучена за да не може да избега. Така што, тоа е чиста импровизација на асистентот, колку е тој спонтан и креативен“, вели Медарски.
Слично е и искуството на Наумоска.
„Прво немаме дневни простории, ниту имаме материјали, ниту имаме некој да ни помогне. Немам никаква поддршка од наставниците. Велат „ти си дефектолог, ти знаеш како“. Не, мојата работа не е дека јас знам како, бидејќи и јас некогаш не знам. Се е на мене оставено. Да направам материјали за детето, да спремам тест, да видам дали детето навистина ги знае тие работи. Дефектологот во школото ни е само два дена и таа нема доволно време. Се е оставено на наш терет“, забележа таа.
Наумоска зборуваше и за потребата од поголема пракса во текот на студирањето на идните дефектолози и психолози.
„Книгите ни се уште на српско-хрватски јазик, од Југославија. Многу битни предмети ни беа на друг јазик. Треба да се смени и тоа што имаме скрипти, а не книги“, посочи Наумоска.
Медарски, пак, се осврна на важноста на нивната работа, која според него не се вреднува доволно бидејќи самиот тој се соочил со доцнење на плата.
Сепак, за проблемите на лицата со попреченост, се согласуваат и двајцата, треба да се зборува низ целата година.
„Ставаме сини светла, правиме ова, правиме она, а нема ништо. Прво да ги средиме архитектонските работи во школите, а потоа инклузија, бидејќи ако ги немаме тие работи, за кого правиме?“, праша Наумоска.
„Ако не може таа единка нормално да излезе од дома и да функционира, се друго е џабе“, заклучи Медарски.
Емилија Петреска