[Видео] Белграѓани во знак на поддршка им аплаудираа на загрепчани кои беа погодени од земјотрес

Со ракоплескање од терасите во исто време, Белграѓани на иницијатива на „Не давимо Београд“, вечерва им дадоа поддршка на погодените жители на Загреб од земјотресот кој се случи утринава.

Претпладнево тие упатија повик до граѓаните на Белград денешниот „Аплауз во 8“, кој обично се организира како солидарна акција за поддршка на здравствените работници во борбата против Ковид-19, да го посветат на како што велат, „загрозените комшии во земјотресот кој го погоди градот Загреб“.

„Нашите држави и општества се соочуваат со голем испит од заразата на вирусот Ковид-19, а уште една катастрофа им се случи на нашите први комшии. Земјотресот во кој се оштетени голем број згради и други објекти, дополнително го отежна животот на граѓаните и граѓанките на Загреб и ја искомплицира борбата против пандемијата. Овој ‘Аплауз во 8’ нека биде за сите оние кои ширум Балканот се борат во се покомплицирани услови“, стоеше во најавата на иницијативата „Не давимо Београд“.

Вирусот ќе помине, велат оттаму, додавајќи дека она што сакаат засекогаш да остане во општество е солидарноста, меѓусебната грижа и поддршка на сите граѓани и граѓанки.

„Тоа нема граници и не познава етнички, верски или политички припадности“, додаваат оттаму.

Beograd je večeras pljeskom dao podršku Zagrebu. Hvala vam! <3

Posted by Index.hr on Sunday, 22 March 2020

Попладнево и од Заедницата на Хрвати во Република Северна Македонија повикаа на истата иницијатива и ги повикаа граѓаните со едноминутен аплауз од своите балкони да им дадат поддршка на граѓаните на Загреб.

Утринава како што пренесува хрватски „Индекс“, земјотрес го погоди Загреб во 6 часот и 23 минути, со јачина од 5.5 степени по Рихтер. После тоа, се случиле уште пет потреси со магнитуда од 3 до 5 степени по Рихтер. Засега 16 лица се повредени, а едно 15-годишно дете е во критична состојба.