[Видео] „Болни луѓе = болна држава“ – протест против кратењето на буџетот за заштита од ХИВ

„Болни луѓе = болна држава“, „Само 200.000 евра не делат од ХИВ епидемија“, „Сакате уште една пандемија?“, „Наместо да превенираме, одлучивте да лечиме?“. Ова беа само дел од транспарентите на денешниот протест против одлуката на Министерството за здравство за кратење на буџетот за системот на заштита од ХИВ за дури 40 отсто, во организација на „Платформа за ХИВ“.

Пред Владата претставници на граѓански организации побараа зголемено инвестирање во здравствената заштита и во јавното здравје, како и сериозни фискални политики за надминување на актуелните кризи, а не кратење на средствата. Тие побараа и компетентни здравствени политики, врз основи на докази и експертиза.

Хајди Штерјова Симоновиќ од „Платформата за ХИВ“ истакна дека минатата недела, Министерството за здравство изјавило дека секој денар вложен во превенција ѝ штеди на државата седум денари за лекување.

Фото: Радио МОФ

„Прашањето е зошто тогаш Владата на РСМ, Министерството за здравство и Министерството за финансии кратат дури 40% од превентивните програми коишто се наменети за превенција на ХИВ во државата. Ова кратење во пракса значи исклучување на неколку илјади граѓани и нивните семејства од системот за здравствена и социјална заштита. Ова кратење значи затворање, значи веќе се затворија некои од центрите кадешто се години наназад се вложувале домашни и странски инвестиции за да се градат тие ресурси, инфраструктура и капацитети. Социјална држава никогаш не крати на здравство  и социјала. Социјална држава инвестира таму каде што е најпотребно“, истакна Симоновиќ.

Таа нагласи дека во социјална држава се воведуваат прогресивни даноци, даноци на луксуз, со цел да се обезбеди конзистентно и континуирано полнење на буџетот на соодветен начин, а не, како што рече, да се крати од здравствени и социјални програми.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

„Утрово прочитав информација објавена од ‘Рефлектор’ според одредено истражување направено дека дури 30% од смртните случаи во РМ се сметаат како прекумерна смртност, прекумерен број на смртни случаи. Во регионот сме лидери, a за разлика, во Данска, според проценетиот број на смртни случаи, прекумерниот број на смртни случаи е 2,2 отсто. Ако ја споредиме фискалната политика на Македонија кадешто имаме само 10% данок и за најбогатите, согласно фискалната политика во Данска којашто има највисок данок за тие што се со највисоки примања може многу јасно да се види сликата која е, зошто треба да се вложува и инвестира во здравството, а не да се крати, особено не да се крати од превенција. Затоа остануваме на нашите барања и бараме да се престане подитно со кратење од здравствените програми“, продолжи таа.

Штерјова-Симоновиќ истакна дека здруженијата бараат воведување на прогресивен данок, при што приоритет треба да им се дава на мерките за обесправени граѓани, а не за оние што заработуваат милионски профити, дополнувајќи дека треба да се вратат предвидените средства кои што биле скратени во превентивните програми и што повеќе да се вложува во здравството и социјалната заштита.

Фото: Радио МОФ

Според Борјан Павловски од Здружението „ЕСЕ“ приоритетите на државата се гледаат според тоа каде таа ги алоцира буџетските средства.

„Според наодите на Светската банка, Македонија во изминатите 15 години континуирано ги намалува здравствените трошоци како процент од бруто-домашниот производ. Буџетот за превентивна здравствена заштита на Министерството за здравство претставува само 9 отсто од буџетот на ова министерство што значи дека превентивната здравствена заштита за жал, не е приоритет на оваа држава во изминатата декада па и повеќе. Буџетирањето никако не смее да е дискриминаторско и не смее да се крати од најранливите и најмаргинализираните групи во општеството, како што е тоа случај“, изјави Павловски.

Тој дополнително забележа дека иако буџетот за превентива е низок сам по себе секоја година во изминатата деценија, Министерството за здравство, како што рече, дополнително крати по 10% од буџетот за превентивна здравствена заштита секоја година од овие превентивни програми.

„Мораме да знаеме дека кратењето од превентивната здравствена заштита не засега буквално сите граѓани. Зашто нема доволно средства за скрининг на рак на грлото на матката, секоја година умираат 40 жени од рак на грло на матка. Поради тоа апелираме максимално искористување на расположивите средства на Министерството за здравство за превентивните здравствени програми и кратење на сите непродуктивни трошоци на ова министерство и пренасочување  на средствата кон буџетите за превентивна  здравствена заштита, унапредување на целокупното спроведување на овие програми, со цел да не ни се појавуваат заболувања како  ХИВ, карцином и останати заразни и хронични заболувања од што не само луѓето страдаат и умираат туку дополнително државата има дополнителни трошоци како – за лекување на ракот на грлото на матката за жените државата троши над 40 милиони денари годишно, а заедно со другите трошоци над 50 милиони денари годишно“, истакна Павловски.

Истовремено, тој дополни дека вложувањето пари во превентивна здравствена заштита не е трошок, туку инвестиција во здравјето и животот на граѓаните и заштеда на државата и граѓаните.

Фото: Радио МОФ

Алмира Фасљии Муарем од Иницијатива на жени од Шуто Оризари го започна својот говор велејќи дека тука е да каже „НЕ“ на кратењето на превентивните програми од Министерството за здравство, дополнувајќи дека иако се соочуваме со економска криза, не смееме да дозволиме да се соочиме со луксуз по здравјето на граѓаните.

„Денес укажуваме дека сме загрижени на кратењето на буџетот на мерките, на програмата за активна здравствена заштита на  мајки и деца, особено од мерката која предвидува бесплатни прегледи, лабораториски прегледи во текот на бременоста, поврзани со бременоста како на пример – бесплатно породување на лица без документи за идентификација е намалена за дури 120.000 денари  во однос на претходната година. Или во пракса, тоа би значело само една до две жени ќе може да ја искористи оваа мерка. Дополнително, во истата програма целосно нема буџет за мерката која предвидува бесплатна фолна киселина за секоја бремена жена, мерка која е потребна за жените од социјално ранливата категорија, за нормално развивање на плодот во првите три месеци од бременоста“, изјави Фасљии Муарем.

Таа дополни дека оваа година целосно е укинато дека и нема буџет за Државен центар за репродуктивно здравје односно Советувалиште, како и за активностите за промоција на Европската недела за имунизација преку едукативни посети од патронажните сестри во ромски и рурални средини.

Дополнително, Муарем нагласи дека нема пари ниту за мерката која предвидува обуки на здравствени работници за превенција и менаџмент на родово базирано насилство.

„Оттука ја потсетуваме државата дека ваквиот начин на кратењето на буџетот кој е наменет за превенција кај најсиромашните и најзагрозените е грубо кршење на правата за заштита на здравјето. Токму во 2020 година, Комитетот за елиминација на сите облици на дискриминација врз жените при Обединетите нации утврди дискриминација при пристапот на сексуални и репродуктивни права на Ромите од РСМ и ѝ  наложи на нашата држава да се усвојат и спроведат ефективни политики и програми и насочени мерки наменети кон ромските жени и девојки, особено во пристапот до здравствена заштита, притоа водејќи сметка за  просечните форми за елиминација на дискриминацијата и стереотипите“, заклучи Муарем.

Организаторите на протестот одговарајќи на новинарско прашање истакнаа дека од почетокот на февруари имаат испратено неколку барања за средба со министерот за здравство, но сè уште немаат одговор.

Хајди Штерјова Симоновиќ истакна дека со кратењето неколку илјади граѓани, маргинализирани лица, остануваат без пристап до најосновна здравствена заштита.

„Зборуваме за лица кои што се надвор од здравствениот систем, лица кои што немаат лична идентификација. Значи овие услуги не се само за превенција на ХИВ за која што можеби јавноста мисли дека е некој невидлив и маргинален проблем. Не, тие имаат многу пошироко значење, зборуваме за услуги за дијагностика и лекување на сексуално преносливи болести и инфекции, зборуваме за гинеколошки услуги преку мобилни амбуланти, за жени во рурални средини“, објасни таа, дополнувајќи дека тука спаѓаат и лицата кои употребуваат дроги.

Фото: Радио МОФ

На протестот се обрати и директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ.

„Она што значи многу сериозно размислување и потреба од итна интервенција во оваа одлука, е фактот дека пациентите се тука. Пациентите се тука, креваат глас за да нема нови пациенти и тоа е она што е најзначајно. Сметам дека на нас, белите мантили, ако пациентот ни кажува ‘ало, превенцијата е најбитна’, посебно по оваа проблематика, тогаш ние навистина не смееме да си дозволиме луксуз тоа да не го слушнеме, најпрофесионално да изреагираме на ова кратење на буџетот и  на превентивните мерки“, истакна Стевановиќ.

Таа дополни дека дека соработката помеѓу Инфективната клиника и граѓанскиот сектор досега имала сериозен успех.

„Најголем број од навремено откриените пациенти со ХИВ доаѓаат токму преку таа соработка и преку системот на тестирање и советување кои тие го воспоставија. И тоа е суштината – навремено откриен пациент со ХИВ има шанса за брзо враќање во нормала на своето целокупно здравје и функционирање во општеството во една страна, меѓутоа од друга страна третираниот пациент и вирусот кој не се детектира во крвта, значи спречување на ширењето на инфекцијата. Граѓанскиот сектор имајќи го ова како сериозна своја обврска, најпрофесионално, континуирано, сите системи за финансирање ги воведува, сите нови, научно докажани методи за спречување на ширењето на ХИВ, затоа мораме сериозно да ги сфатиме“, заклучи Стевановиќ.

Протестот заврши пред Министерството за здравство каде демонстрантите ги оставија транспарентите од протестот пред влезот на министерството.

Мартин Колоски/Ивана Смилевска