Министрите за правда и внатрешни работи на Европската Унија се согласија Романија и Бугарија целосно да се приклучат во Шенген-зоната од 1 јануари, јавува Радио Слободна Европа.
Одлуката, објавена од Европскиот совет денеска, доаѓа речиси 18 години откако двете земји од југоисточна Европа станаа членки на блокот и 15 години откако ги исполнија техничките критериуми за влез во Шенген-зоната.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го поздрави потегот преку порака на X.
„Целосно во Шенген – каде што припаѓате“, напиша фон дер Лајен.
Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола им честиташе на двете земји, велејќи дека тие „работиле напорно и долго“ за да постигнат членство.
„Готово е. Одлучено е. Заслужено е. Романија и Бугарија целосно ќе се приклучат на Шенген на 1 јануари 2025 година. Посилен Шенген означува побезбедна и пообединета Европа“, напиша Мецола на X.
Овој потег доаѓа откако австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер претходно оваа недела објави дека Виена конечно се откажува од противењето двете земји да се приклучат на зоната од 29 членки, која опфаќа повеќе од 450 милиони луѓе и 4.6 милиони километри квадратни
Романија и Бугарија беа делумно примени во Шенген-зоната на 31 март, кога беа укинати воздушните и поморските гранични контроли, но Виена продолжи со своето вето на двете земји да им биде дозволено да ги укинат копнените гранични контроли поради стравувањата дека повеќе илегални мигранти би можеле да стигнат до Австрија.
Целосното приклучување на Романија и Бугарија во Шенген доаѓа откако Хрватска стана најновата членка во јануари 2023 година.