[Видео] ЦАЦ – На кои места се влеваат отпадните води и канализациите во реката Вардар

Центарот за современи уметности (ЦАЦ) изработи кратко видео на кое се прикажани канализациите и отпадните води кои се влеваат во реката Вардар од нејзиниот извор во Вруток, па се до излезот на Скопје.

Идејата на ова видео е да се информираат граѓаните за, како што велат од ЦАЦ, тивкото долгогодишно уништување на најголемата река и да се обидат да ја подигнат свеста на надлежните, односно на Министерство за животна средина и локални самоуправи за проблемот со загадувањето на Вардар но и на другите водотеци и езерски басени во Македонија.

„Не сакаме и не можеме да се помириме со фактот дека сите наши реки со проток поголем од 3 кубни метри во секунда се декларирани како загадени, значително или екстремно загадени како и со фактот дека нашите езера се борат за спас и преживување, а сето тоа се случува во период на глобално затоплување и претстоечки климатски промени. Со ова видео посветено на загадувањето на реката Вардар сакаме да потсетиме дека во ерата на глобалното затоплување кога водата станува еден од клучните стратешки и безбедносни ресурси на југот на Европа ние буквално го уништуваме најголемиот водотек во Македонија и ја правиме вардарската вода целосно неупотреблива бидејќи не прочистуваме ниту литро од отпадните води“, велат од ЦАЦ.

Видеото прикажува десетина поголеми испустни цевки за загадување кои значително ја уништуваат и ја убиваат реката, правејќи ја водата од Вардар неупотреблива бидејќи истата на само 50-тина километри од изворот доаѓа во највисоката 4 и 5-та категорија на загаденост – вода која не смее да се користи за ништо, за веќе во Скопје да се карактеризира вон секоја мерлива категорија, објаснуваат од Центарот.

„Со таа категорија Вардар продолжува да тече низ поголемиот дел на Скопската котлина и надолу во Повардарието па се до Демир Капија каде Вардарската вода повторно иако загадена може да се категоризира во 4та и 5та класа на загаденост (повторно категории на загаденост според кои водата не може да се користи за никаква намена) што е повеќе од застрашувачки. На крајот дозволете само да потсетиме дека во рамите на подготовките и изработката на ова видео дојдовме до аматерски измерени податоци дека вкупниот прилив на канализации и отпадни води од изворот во вруток до Скопје изнесува околу 900-1000 литри во секунда а протокот на Вардар во Скопје – кога се исклучени Мавровските централи и централите на Треска изнесува едвај 6-7000литри во секунда што покажува дека скоро една 6-тина од водата на Вардар е канализација“, додаваат од ЦАЦ.

Со ова видео, од ЦАЦ велат дека ги прашуваат градските власти на Гостивар, Тетово и Скопје како и министерството за животна средина до каде се пречистителните станици.

„Во наредниот период планирано е снимање на втор дел од видеото кој ќе ги опфати отпадните води од под Скопје до границата со Грција“, најавуваат од ЦАЦ.