Бесните шумски пожари разгорени од ураганските ветрови го опустошија историскиот град Лахаин на островот Мауи на Хаваи, јавува Би-Би-Си.
Американскиот сенатор Брајан Шац на социјалните мрежи напиша дека Лахаин е „речиси целосно изгорен до темел“.
Најмалку шест лица загинаа во округот Мауи, соопштија вчера властите. Болничкиот систем на Мауи е преполн со пациенти со изгореници и луѓе кои вдишиле чад.
„Пожарникарите сè уште се обидуваат да ги стават пожарите под контрола“, рече Шац.
Некои луѓе скокнале во океанот за да го избегнат пожарот, а американската крајбрежна стража соопшти дека спасила најмалку десетина луѓе од водата.
Градоначалникот на округот Мауи, Ричард Бисен, на прес-конференција рече дека многу домови и деловни објекти се целосно уништени.