Противпожарната бригада ги советуваше луѓето во бројни области на Чешката Република да ги затворат прозорците, додека тие се борат со големиот шумски пожар во националниот парк Чешка-Швајцарија кој се наоѓа на границата со Германија, јавува Би-Би-Си.
Пожарот избувна во неделата, во услови на рекордни температури, а силните ветрови предизвикаа чадот да се прошири низ целата земја. Неколку куќи се уништени, а мирисот на чад стигна до главниот град Прага, односно 100 километри на југ. Се наведува дека чад има и во областа Пардубице, која е на 180 километри од пожарот.
Стотици чешки пожарникари се ангажирани на терен, додека пожарот уништи шума и куќи во селото Мезна. Пожарот му се закануваше и на селото Хренско кое се наоѓа во близина, блиску до германската граница, а десетици луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови.
Три германски тима кои помагаа, подоцна заминаа на германската страна од границата, бидејќи пожарот подоцна почна да се шири. Туристите беа повикани да ја избегнуваат областа бидејќи се огласи алармот околу градот Бад Шандау во националниот парк.
Противпожарната служба беше преплавена со повици за наноси од чад и апелираше до Чесите да не контактираат со нив освен ако не видат пламен. Причината за пожарот е човечко невнимание. Засега нема повредени.