Воведување нов дуален систем на образование, преземање на позитивните искуства од западноевропските држави, но и ревидирање на стратегиите за вработување на младите се дел од мерките кои ќе помогнат во надминување на проблемот со невработеноста на младите во земјава. На темата „Дали образовниот систем ги следи потребите на пазарот на трудот?“ во Радио МОФ дебатираа професорката Марија Топузовска Латковиќ од Институт за социолошки и политичко-правни истражувања, претприемачот Никола Бојков, Младен Фрчковски од Министерството за труд и социјална политика и Назиктере Сулејмани, претставник на Министерството за образование и наука.
Според Младен Фрчковски од Министерството за труд и социјала, и покрај тоа што се вложуваме во обуки и преквалификации, ништо нема да се промени се додека не се поддржи побарувачката на нови кадри. Ако нема кој да ги вработи младите, вели тој, единствено решение е да си заминат или да се самовработат.
„Сега има само половични решенија“, забележува. „Постои хаос на пазарот на трудот бидејќи нема побарувачка. Секој се снаоѓа како може“, вели Фрчковски.
Никола Бојков, претприемач и експерт по дигитални медиуми, смета дека е потребна поголема флексибилност од образовниот систем и прилагодување на потребите на новата генерација студенти.
„Премногу брзо се менуваат потребите на пазарот на труд и образованието мора да најде начин да држи чекор“, констатира Бојков.
Назиктере Сулејмани од МОН забележува дека е потребна поголема соработка со бизнис секторот, која нема да зависи од личните познанства.
„МОН постојано ги адаптира наставните програми, но тоа е тешко поради брзиот технолошки развој“, вли Сулејмани.
Професорката Марија Топузовска Латковиќ, од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања пак смета дека реформите во образованието се случија пребрзо.
„Недостасува соработка меѓу формално образование и стопанството.Така би се ревидирале и усогласиле наставните програми“, вели таа.
Дебатата беше организрана со цел промоција на аргументираната дискусија на релевантни општествени прашања во јавниот дискурс, а како дел од проектот „Градење на следната генерација на млади лидери“, спроведуван од Младински образовен форум и Институтот за европска политика (ЕПИ) и поддржан од Центарот за меѓународно приватно претприемништво (CIPE).