Дали се почитуваат човековите права во Македонија, за што се дискутира во земјава, а за што во Европа, каква е праксата на Судот во Стразбур кога се прекршуваат основните права на граѓаните? Ова се дел од прашањата кои беа отворени на „Дебата за човекови права: Македонија vs Европа“ во Радио МОФ на која дебатираат Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншки комитет за човекови права, Костадин Богданов, владин агент пред Европскиот суд за човекови права и Александар Нешковски кој има поднесено апликација пред Судот во Стразбур.
Според Пировска, тешко е да се направи споредба во почитувањето на човековите права во Македонија и западноевропските држави.
„Ние во Македонија се бориме за фундаментални права“ истакна таа за време на дебатата и забележа дека кај нас постои селективна правда, факт, како што рече, со кој се соочуваме години наназад.
Александар Нешковски потврди дека заедно со Хелсиншкиот комитет има поднесено апликација пред судот во Стразбур, за случајот со трагичната смрт на неговиот брат Мартин, кој пред неколку години ја разбранува македонската јавност.
„Јас не се борам само за моето семејство, туку и за овој човек што е командир на единицата Тигри, неговото право е скратено поради тоа што мора да каже дека не бил на работна должност“, рече тој објаснувајќи дека само еден човек беше осуден за смртта на неговиот брат при што изостана институционална одговорност во случајот.
Владиниот агент Богданов пак истакна дека работат на обуки со судиите и нивно запознавање со праксата на Судот во Стразбур. Зголемениот број пријави од страна на македонските граѓани во Стразбур тој го коментира со зголемената јавна свест, но укажува и дека истовремено расте бројот на вратени апликации за кои се покажало дека се нецелосни.
Едночасовната дебата може да ја проследите во продолжение:
Дебатата беше реализирана во соработка со Македонски центар за европско образование (МЦЕО), а во рамки на проектот „Основни права – Сместување во европската рамка“. Целта на проектот е подигање на свеста за европскиот систем за заштита на човековите права и импактот кој го има врз соодветниот национален систем за заштита на човековите права.