Демонстранти ја запалија зградата на либискиот парламент во источниот град Тобрук, протестирајќи против влошувањето на условите за живот и политичкиот застој, пренесува „Н1“.
Неколку телевизиски станици известија дека демонстрантите „вчера успеале да влезат во зградата и извршиле вандализам“. Се наведува дека изгорел дел од зградата. Парламентот беше празен, бидејќи петок е неработен ден во земјата.
Демонстрациите во Либија траат со месеци поради влошувањето на условите за живот и политичката криза.
Либискиот парламент е формиран во Тобрук, стотици километри источно од главниот град Триполи, по расколот помеѓу силите кои го контролираат источниот и западниот дел на земјата од 2014 година.
Второто, ривалско тело, официјално познато како Висок државен совет е со седиште во Триполи.
Северноафриканската земја, богата со нафта, е уништена од конфликт откако во 2011 година во бунтот поддржан од НАТО беше соборен и убиен долгогодишниот лидер Муамер Гадафи, што доведе до пораст на ривалските влади.
Земјата денеска е клучна почетна точка за илјадници мигранти кои патуваат во Европа, а некогаш го имаше еден од највисоките животни стандарди во Африка, со бесплатна здравствена заштита и бесплатно образование.