Илјадници бесни демонстранти упаднаа во резиденцијата на претседателот на Шри Ланка, Готабаја Раџапакса во главниот град Коломбо.
Граѓани од целата земја со автомобили, автобуси и комбиња се упатија до главниот град и маршираа до претседателската резиденција со барање за оставка на Раџапакса по неколкумесечните протести околу лошото справување со државната економска криза.
Демонстрантите го преплавија владиниот кварт во Коломбо извикувајќи слогани против претседателот и разбивајќи неколку полициски барикади за да стигнат до куќата на Раџапакса, изјавиле очевидци за Ројтерс.
Полицијата пукала во воздух за да ги спречи бесните граѓани да стигнат до објектот, но не успеале да ги спречат демонстрантите да влезат во резиденцијата.
The moment Srilankan protesters entered the Presidential Office in Colombo.#SriLankaProtests #Srilanka #Colombo pic.twitter.com/zrdyXHfFya
— Madhaw Tiwari (@MadhawTiwari) July 9, 2022
Новинските информации говорат дека претседателот Раџапакса веќе бил префрлен на безбедна локација кога граѓаните влегле во неговата резиденција.
Властите се обидоа да ги спречат масовните демонстрации преку полициски час кој беше воведен вчера, но брзо беше укинат по реакции на опозициските партии и невладините организации.
Шри Ланка се справува со огромна инфлација и се мачи во снабдувањето на земјата со увоз на храна, гориво и лекови.
Земјата ги потроши сите државни девизни резерви и неуспешно се обидува да увезе основни продукти. Мнозинството граѓани овие проблеми ги припишуваат на претседателот и на демонстрациите кои траат од март се бара негова оставка.