[Видео] Десетици илјади луѓе на 18 часа го блокираа центарот на Ниш на протестот „Студентски едикт“

Десетици илјади луѓе ги блокираа улиците во центарот на Ниш на 18 часа за време на протестот „Студентски едикт“. Студентите кои веќе три месеци блокираат повеќе од 60 факултети ширум Србија ги повикаа граѓаните на протест барајќи кривична и политичка одговорност за трагедијата во Нови Сад, во која загинаа 15 луѓе, пренесе Радио Слободна Европа.

Протестот започна на 1 март во 9 часот со блокада на централните градски улици на најголемиот град во јужна Србија. Протестот се случи точно четири месеци по уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, при што загинаа 15 лица, а две беа тешко повредени.

Како што е соопштено, времетраењето на протестот симболично е 18 часа, бидејќи 018 е повикувачкиот број за Ниш.

На собирот беше претставен „Студентски едикт“ во кој беше наведено дека „Србија е земја на слободни луѓе“. Студентите ги прочитаа одредбите од тој документ, вклучувајќи одредби за слобода, држава, правда, млади, достоинство, знаење, солидарност и иднина.

Меѓу другото, во „Едиктот“ се наведува дека „институциите на Србија мора да му служат на народот и да бидат темел на довербата, а не инструмент на моќ на поединци“. Со него се повикува на независност на универзитетите, судството и слободата на медиумите, почитување на човековите слободи и вреднување на знаењето.

На студентите на Универзитетот во Ниш им се придружија и колеги кои на протестот дојдоа пеш од Белград, Нови Сад, Крагуевац, Јагодина и други градови, како и оние кои дојдоа со велосипед или трчајќи. На протестот им се придружија професори, просветни работници, адвокати, земјоделци, актери и пензионери. Насобраните носеа знамиња на Србија и на факултетите, како и бројни транспаренти.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека „не мисли ништо“ за собирот во Ниш и на учесниците им порача дека „им посакува се најдобро, да уживаат, но да помине мирно“. Тој повторно ги окарактеризира протестите во Србија како „обоена револуција“.

Владата на чело со српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека барањата на студентите се исполнети, додека студентите и академската заедница ги отфрлаат овие тврдења.

Покрај Ниш, студентите претходно организираа 15-часовен протест во Крагуевац, 27-часовна блокада на Мостот на слободата во Нови Сад, како и 24-часовна блокада на Автокоманда во Белград.