[Видео] Десетици илјади Шпанци на протест побараа оставки на властите попради бавната реакција на поплавите

Десетици илјади Шпанци маршираа вчера во Валенсија барајќи оставка од регионалниот претседател одговорен за реакцијата на минатонеделните поплави во кои загинаа повеќе од 200 луѓе, а многумина сè уште се водат како исчезнати, јавува Радио Слободна Европа.

Група демонстранти се судри со специјалната полиција пред градското собрание во Валенсија, каде демонстрантите го започнаа маршот до седиштето на регионалната влада.

Регионалниот лидер Карлос Мазон е под огромен притисок откако неговата администрација не испрати предупредувања навреме  до мобилните телефони на граѓаните, а тие пристигнаа само неколку часа по почетокот на поплавите, односно ноќта на 29 октомври.

Многу демонстранти држеа натписи со кои бараа оставка на Мазон, додека други носеа написи дека тој ги убил. По пристигнувањето кај седиштето на регионалната влада, некои демонстранти фрлаа со кал врз зградата и оставија калливи отпечатоци од дланки на фасадата.

Претходно, Мазон изјави дека „ќе дојде време кога официјалните лица ќе одговараат“, но дека сега е „време да продолжиме да ги чистиме нашите улици, да им помогнеме на луѓето, да се обновиме“. Тој рече дека го „почитува“ маршот.

Мазон исто така се критикува за, како што се тврди, бавниот и хаотичен одговор на природната катастрофа.

Илјадници волонтери беа први на терен, во многу од најтешко погодените предградија на Валенсија. На официјалните лица им требаа неколку дена да ги мобилизираат полицијата и армијата, што регионалните власти го побараа од државните власти.

Во Шпанија, регионалните влади се задолжени за цивилната заштита и можат да бараат дополнителни ресурси од федералната влада во Мадрид.

Мазон го бранеше своето справување со кризата, велејќи дека размерите на катастрофата не можело да се предвидат и дека неговата администрација не добила доволно предупредувања од централните власти.

Според последните информации, во поплавите загинаа 220 луѓе, од кои 212 се во регионот на Валенсија. Потрагата сè уште е во тек. Илјадници луѓе ги загубија своите домови, а улиците сè уште се покриени со кал и урнатини.