[Видео] Десетици приведени во Куба по редок анти-владин протест

Неколку десетици луѓе биле уапсени во Куба откако илјадници граѓани вчера излегоа на еден од најголемите протести во последните децении против комунистичката власт.

Кубанците се незадоволни од економската криза, недостатоци на храна и лекови, растот на цените, како и од справувањето на владата со Ковид-19. Протестот е значаен поради тоа што критичарите најчесто се соочуваат со строги казни за искажување јавно незадоволство.

„Нема храна, нема лекови, нема слобода. Не ни дозволуваат да живееме“, изјавил Алехандро, еден од демонстрантите за Би-Би-Си.

На протестите низ повеќе градови на островската земја било извикувано „слобода“ и „долу диктатура“.

„Не се плашиме. Сакаме промена. Не сакаме повеќе диктатура“, изјавил друг анонимен демонстрант.

Анти-владините демонстранти биле апсени од безбедносните сили, а повеќе слики на социјалните мрежи покажуваат како службите приведуваат, тепаат и прскаат со бибер-спреј дел од граѓаните на протестите.

Дел од медиумите пренесоа дека во Куба бил блокиран пристапот до интернет, а фотограф на Асошиејтед Прес бил повреден во конфронтација со безбедносните сили.

Кубанскиот претседател Мигуел Диаз Канел ги обвини САД за протестите. Во телевизиско обраќање до нацијата тој демонстрантите ги нарекол „платеници“ кои требало да ја дестабилизираат земјата, а ги повика своите приврзаници да ја одбранат револуцијата, мислејќи на бунтот од 1959 година по која настапи комунистичката власт.

„Ја издавам наредбата за борба – на улиците револуционери“, изјавил тој.

Од САД, кои имаат долгодецениско непријателство со Куба, соопштија дека ги поддржуваат Кубанците, а ја повикаа власта да се воздржи од насилство и да ги слуша граѓаните.