Како и многу други семејства раздвоени во пандемијата, австралискиот сточар Бен Џексон не успеал да го направи последното збогум со најблиските. Тој бил 400 километри далеку од неговата тетка Деби, која ја изгубила двегодишната битка со ракот.
Поради рестрикциите Џексон не можел да отпатува до Бризбејн за да присуствува на нејзиниот погреб, па поради тоа се одлучил на поинаков начин да ја покаже својата љубов кон роднината. Со своето стадо овци исцрта џиновско срце во своето поле со житарки.
Тој успеал да ги покоси житарките во обликот на срце, по што пуштеното стадо овци успеале да го исполнат просторот. По неколку непрецизни обиди успеал да го погоди прецизно обликот и ги пуштил животните и видеото го снимил со дрон. Снимката стана вирална откако Џексон ја објавил на социјалните мрежи.
„Не постоеше начин да дојдам до неа, да ја видам и да ја поздравам или да присуствувам на нејзиниот погреб. Се чувствував безнадежно, беспомошно – навистина не знаев што да правам. Бидејќи секако ја хранев стоката одлучив да направам огромно срце на полето, кое, искрено, е минорно во споредба со нејзиното“, изјавил Џексон за Би-Би-Си.
Џексон го испратил видеото до своите роднини пред погребот на неговата тетка, а тие го прикажале на погребната церемонија заедно со нејзината омилена песна.
Џексон последниве години има направено повеќе „уметнички дела“ со овци во облик на симболи и логоа.