Неколку илјади граѓани молчеа, оддаваа почит кон загинатите во големата трагедија во Кочани, а од вечерва и гласно маршираа по скопските улици, за да побараат одговорност за овој и претходни случаи, но и да упатат пораки „Доста бевме ние, системот е следен“ и „Ќе ги полниме улиците се’ додека ги полните џебовите“.
Протестот на граѓанското движење „Кој е следен?“ започна од плоштадот „Македонија“. На зборното место, присутните можеа да запалат свеќа, да остават цвеќе, за потоа да завладее триминутен молк.
„Слава им“, одекна на мегафон пред толпата да се упати кон Собранието.
Дождот не прекинуваше да паѓа, а присутните не прекинуваа со извици „Одговорност“, „Правда за жртвите“, „Системски промени“, „Доста беше смрт“. Кај законодавниот дом имаше и извици „Уаааа“.
Покрај Градската болница се случи сосема поинаква слика. Присутните почнаа да аплаудираат во знак на благодарност на здравствените работници, кои во трагедијата лекуваа десетици повредени лица, распоредени низ неколку градови низ Македонија.
„Вие сте херои“, ечеше во еден глас.
View this post on Instagram
Маршот продолжи покрај „Холидеј Ин“, помина преку мостот „Филип Втори“ и се движеше по булеварот „Гоце Делчев“, се’ до Владата.
View this post on Instagram
На исполнетиот булевар „Илинден“ имаше нов молк, но овој пат шестнаесетминутен, по што се одржаа говори.
Студентката Ангела рече дека боли да си отидат невини животи кои не го заслужиле тоа. Исто така, вели дозволивме да живееме во систем каде моќните владеат, а другите само страдаат.
„Дозволивме да живееме во општество, каде правдата се мери со познанства, а животот може да зависи само од еден телефонски повик. Вака ли изгледа еднаквоста која треба да постои? Се среќаваме со неправди кои станаа нормални, иако се далеку од праведни. Некои го кршат законот, а сепак никој не ги повикува на одговорност. Оставени на суровиот избор. Телефонски повик или смрт“, посочи таа, дополнувајќи дека време е за решенија, но и дека „системот е следен“.
Активистот Бленди Ходаи посочи дека овде се дојдени за болката кон загинатите, но и затоа што сакаат промена. Не козметичка, не привремена, туку системска и суштинска промена.
„Премногу често забораваме, а народ којшто заборава ризикува трагедиите да му се повторат. Затоа, од вечерва, јасно кажуваме: Нема веќе да заборавиме. Нема веќе молк. И нема повеќе страв. […] Ова не е борба помеѓу вие и ние. Ова не е борба помеѓу партии. Ова е борба помеѓу чесните и корумпираните. Меѓу оние што ја сакаат државата и оние кои ја користат државата. Ние бараме нула толеранција кон корупцијата, нула молк кога институциите ќе затаат, нула страв кога сме исправени пред неправдата. Затоа што сме им должни на сите кои што настрадаа, на сите коишто изгубија, на сите кои беа жртви на систем кој наместо да штити – убива. Додека ги полнат своите џебови, ние ќе ги полниме улиците“, порача тој.
Милена Јаневска, активистка од „Кој е следен?“, уште на почетокот на маршот рече дека протестираат затоа што сакаат да останат да живеат тука.
„Ама сакаме да останеме да живееме и да ни е безбедно дома. Сметаме дека треба да се разграничи конечно активното политизирање и партизирање коешто ни се наметнува од системот и исто така да престанеме да ја романтизираме улогата на жртва која што ни ја негува системот. Така што, најмногу протестираме за да нема повеќе жртви и за да ни биде безбедно и сигурно дома“, нагласи таа.
Од движењето „Кој е следен?“ уште вчера упатија јавни барања, меѓу кои транспарентно да се објави целата документација поврзана со работењето на клубот „Пулс“ од неговото отворање до несреќата од повеќе институции.
Потоа, бараат дисциплинска, кривична и/или политичка одговорност од сите институции кај кои ќе се утврди пропуст во работењето поврзано со „Пулс“. Исто така, соодветна одговорност за сите поврзани со случаите со изгорената модуларна болница, со Онкологија, „Дурмо Турс“ и „Беса Транс“.
Активистите бараат Комора на угостители да започне да работи на подобрување на услугите и условите на работење на угостителските објекти, а не како што велат само за дерегулација и финансиска помош од државата.
Воедно, воспоставување на дигитален „Е-Инспекторат“, исто така нов сервис налик „Европски број за итни случаи 112“, зголемување на стручните инспектори по институциите, но и образование и подигнување на јавната свест во поглед на безбедноста и превенцијата.
Движењето „Кој е следен?“ објави нови барања за безбедност и превенција
Бојан Шашевски и Мартин Колоски