На едно место млади дечки групно сецкаат и лепат колажи. Пред нив уметник црта ново сличуле, истовремено на штанд ги нуди своите претходни дела. На трета локација неколку рандом луѓе расправаат за музички изданија. На четврто ќоше студенти застанати и се договараат за изложба, додека во позадина тера македонска музика од „стотројкаши“.
Во Студентскиот културен центар (СКЦ) минатата сабота (15 март) се случи „ФИЈУК саем“, прв за оваа година во Скопје.
Се работи за саем на независно издаваштво и независна уметност. Инициран е во Белград од колективот „Матријаршија“ пред околу 5-6 години, па оттаму се проширува и во Скопје, а паралелно сега расте и по други македонски градови.
„’ФИЈУК’ веќе три години е доста активен со изданија на различни домашни локации. Односно, секое издание пробуваме да го одржиме на некое поинтересно место, но, исто така, се одржува и во Гетеборг, понекогаш и во Загреб има своја едиција… ‘ФИЈУК’ пробува да фати корења на повеќе места во Европа со редовни изданија кои обично се придружени со изложби, со музика и со размена на знаења околу независното издаваштво“, објаснува Билјана Димитрова од „Партизанска штампа“, едни од иницијаторите на домашниот серијал на „ФИЈУК“.
View this post on Instagram
Самото име на саемот е земен од стрип, најчесто кога пролетува куршум пишува „ФИЈУК“. Целта е да се покаже дека оружјето е во создавањето, творештвото, печатењето, во издавањето на книги, фанзини, фотографии, графики…
„Истовремено сакаме да ја зголемиме свеснота за колекционерската вредност на локалната уметност, затоа што се соочуваме со ситуации, кога се работи за самоодржлива уметност, луѓето најчесто купуваат некакви материјални работи, пример од типот на чаши, шољи, марами и сл. Значи, нешто што може да се најде пример на базарите. Такви појави, таков вид на настани веќе постојат околу празниците и поважните датуми, но ваков саем кој третира хартија и уметност – нема“, потенцира Димитрова.
Оттука, идејата е преку вакви редовни саеми да се зацврстува издавачката дејност – на хартиени или музички или било-какви изданија, но и да се зголеми соработката на самите учесници и публиката.
„Без публика не би постоеле. Ова е начин да поразговараме, да бидеме критикувани, да бидеме инспирирани, а за секое следно издание да подготвиме нешто ново, да се преиспитаме до каде сме. Така да, ‘ФИЈУК’ веќе создава некаква база на издавачи“, вели Димитрова.
Таа потсетува дека имале можност да посетат и неколку градови низ Македонија – Куманово, Битола и Прилеп.
„Не’ поканија, беше супер да се отиде таму, да се биде во комуникација со локалната сцена, за да видиме дека не е залудно творештвото! Можеби некои нешта одат пополека, но се надеваме во иднина ќе направиме поголемо влијание врз публиката“, нагласува таа.
Во однос на прашањето „кој може да учествува на ФИЈУК“, Димитрова вели дека тоа е секој оној што издава некаква уметничка продукција, без разлика дали е тоа сликана, печатена, аналогна, дигитална…
„Значи, се’ што е насочено кон зацврстување на издаваштвото. Нешто што првенствено не е направено само за продажба. И, тоа е разликата од базарите. Многу уметници дел од работите во основа ги прават прво за себе, без иницијална намена тоа да има некаква продажна вредност. А понатаму, со купувањето добиваат идеја дека би можеле да го зацврстат своето творештво, па преку продажбата да обезбедат пари за повеќе хартија, цртање, за создавање уметност“, вели Димитрова.
Пошироката слика, повторува таа, е да се поддржи алтернативната уметност и локалните дејци на сцената. Да видат кои се, што се, колку се, до каде се, кои се работите што ги интересираат, прашањата што ги „чепкаат“, а, секако, да се зајакне и творештвото насочено кон поголема продукција, поголема распространетост на ваквата уметност и да се зајакне односот со консументите на уметноста.
„Бидејќи, засега немаме ваков тип саеми на уметност, каде ќе можеш да видиш и книги, печатени изданија, слики, фанзини, колажи… Така да, тоа е во основа идејата, а секојпат е возбудата ‘ќе има ли доволно луѓе’, ‘ќе се продаде ли нешто’. Ама и досега било, ако не се продаде ништо, барем еден човек ќе дојде после во работилница, ќе направиме дружба, ќе направиме заедничка изложба, нешто заедничко. Ниту еден ФИЈУК не бил ‘залуден’“, нагласува таа.
Димитрова би сакала „ФИЈУК“ во иднина да биде врвулица од луѓе. Да разменуваат знаења, техники, искуства. Да продолжи заедничарењето, пак да има слики, колажи, сецкање, музицирање… Кога ќе отидеш да го смениш секојдневието и пристапот кон она што значи уметност. Да продолжи да се развива и чувството за колекционерство.
„Бидејќи, оние што купуваат уметност, развиваат такво колекционерство. Не е поентата само да ги ‘накитиме’ своите домови, туку кога вложуваме во нешто, го зачувуваме за иднината и овозможуваме да се зачува една архива која зборува за едно време и за условите во кои создавале уметниците. Затоа ФИЈУК поттикнува независно издаваштво, бидејќи во време кога сме насочени само кон егзистенцијалност, да ги покриеме основните трошоци, храна, вода, струја… ФИЈУК дава нова нишка дека ‘еј, чекај, можеби можам да одделам дел од своето слободно време и да го изразам она што навистина го мислам, без страв дека го правам тоа само да се продаде или допадне на публиката’. Туку, тоа да биде одраз на едно време“, констатира Димитрова.
***
Инаку, на „ФИЈУК“ се одржа креативна работилница „Џики Колажи“, водена од Милена Џики Јаношевиќ. Тоа не е класичен уметнички настан, туку дружба каде луѓето рециклираат стари списанија, сечат, лепат и создаваат уникатни колажи – без разлика дали имаат уметничко искуство или не. Поентата е да се дружиш под изговор за уметност или да правиш уметност под изговор за дружење.
Понатаму, имаше и зложба на цртежи на Симеон Анѓелкоски – „Liminal2Trash“. Таа го истражуваше процесот на промена, прифаќањето на грешките и нивната улога во креативниот израз. Почнувајќи од концептот на лиминални простори – оние неодредени, преодни моменти – Симеон Ангелковски го прикажува постепениот премин кон „треш“ естетика, каде што хаосот и несовршеноста стануваат составен дел од уметноста. Насловот симболизира дека секоја грешка е можност за трансформација, а создавањето е постојан премин од едно во друго.
Се случи и промоција на „Последни песни за љубовта“ на Емил Алексиев во издаваштво на „Арт Еквилибирум“ и концерт на Ема Ананиевска.
За сите со добра кондиција имаше и афтер во „Ла Кања“, настап во живо на авангардниот музички состав „Истерувачи на публика“ на Тома, Нора и Пеџа.
Излагачи беа: Арт Еквилибриум, Мртов коњ, Кула, Партизанска штампа, Longest Night, Матријаршија, Сали Ертунч, Матеј Богдановски, Јелена Белиќ, Ефиминпечат, Аксиома, Флип Бук, Владимир Лукаш, Спознавање, Boiling Point, Емилија Трајковска, Пондер, Симеон Анѓелкоски, Shock Troopers, Искра, Sharla, Наташа Гелева, Mi Film, Murat Kalkavan, Илика, Gosi Etc, Гринсен.
Текст, фото и видео: Бојан Шашевски