Под мотото „Културата како јавно добро“, во изминативе неколку денови се одржуваше третото издание на „Маалски фестивал“, со низа настани што ја вклучија локалната заедница во уметност, музика, работилници, акции, прошетки низ маало… Исто така, беше претставен и нов мурал на објектот на организаторот Центар-Јадро, кој одбележа петгодишнина од своето постоење како хибриден центар што функционира по принципот цивилно-јавно партерство, а истовремено ги храни граѓаните со култура.
Првиот ден стартуваше во Парк на Франкофонија каде активисти, уметниците и учениците ги споија познавањата и креативноста во колективни мемории и дела. Учениците од школите „Кочо Рацин“ и „Коле Неделковски“ заедно со уметникот Доротеј Нешовски ги цртаа омилените анимирани херои, создавајќи џиновски сложувалки наменети за јавниот простор и маалските улици. Воедно, младите ги развиваа своите моторни вештини.
А во друг дел на маалото, учениците од „Ј.Х. Песталоци“ беа на прошетка со Tiiiit! Inc., па преку архитектурата и јавната уметност се запознаа со делата и приказните за македонските жени кои оставиле печат врз историјата.
Истовремено, во Мобилната / Монтажна галерија пополека се обновуваше јавната опрема, за поубаво место со „све и свашта“.
View this post on Instagram
Официјално, „Маалски“ беше отворен вечерта со „Пет години КСП Центар – Јадро“, изложба која го претставува Центарот како приказна што се создава колективно.
„Тргнувајќи со муралот на фасадата кој традиционално се исликува и менува секоја година, па движејќи се низ сите уметнички дисциплини со својата интердисциплинарна програма и бројните едукативни работилници, во срцето на Центарот секогаш биле и ќе бидат едукативните и уметничките програми наменети за сите. Преку средбите помеѓу уметниците и граѓаните во рамките на бројните содржини што беа реализирани, сметаме дека не само што направивме храбар обид да ги поврземе овие две групи преку уметноста, туку сметаме дека создаваме простор каде што уметноста се обликува според потребите на колективот“, посочија од тимот.
Првиот „Маалски“ ден беше заокружен со маалска журка во Парк на Франкофонија. На колективното музичко опуштање на бината учествуваа дуото Букршлиев-Томевски, македонскиот бенд „Мојра“, а тука беше и слободната музичка импровизација на квартетот Спировски/Новковски/Танасковски/Џорлев.
Вториот фестивалски ден започна со Работилницата за изработка на чуднозвучни инструменти под водство на музичарот Виктор Танасковски и уметникот Владимир Лукаш.
„Создадени од вашата фантазија, чуднозвучните музички инструменти произведуваат ноти на кои ушите не се навикнати, но кога ќе ги слушнеме, почнуваме да сурфаме низ звучните бранови и да се чувствуваме како дома низ новите вибрации“, рекоа од Центарот.
Во КСП „Центар – Јадро“ аудиофилите се сретнаа со електроинженерот Владимир Симеонов и нурнаа во светот на лампашки хај – фај засилувачи и домашни аудио системи.
Забавата продолжи со аматерскиот џез хор „Артисан“ и нивните преработки на „Битлси“ и Моцарт, како и изведбата на „Moon river“ за која публиката побара „бис“.
Вториот фестивалски ден беше заокружен со ретро студентски филмови од режисерите Јане Алтипармаков и Филип Херин, кои посетителите ги вратија во минатото со „Гето 103“ и „Огледало“
View this post on Instagram
За третиот ден, пак, предвидени беа филмски проекции од „ОКО – аматерска филмска работилница“ и Интернационалната студентска филмска платформа „ХАЈ-ФАЈ“. На работилницата „ОКО“ под водство на режисерката Марија Џиџева беше продуциран филм кој раскажува приказна создадена од несекојдневна екипа – пензионери/ки од Здружение на пензионери – Центар и ученици од осмо одделение од школото „Ј. Х. Песталоци“. „ХАЈ-ФАЈ“ пак, донесоа пет кратки филмови кои интригираа со својата нова перспектива. Во соработка со платформата беа прикажани студентски филмови од регионот.
Вечерта, музичкото дуо Добрила и Доријан донесоа world music сензибилитет за заокружување на третото издание на „Маалски фестивал“.
Фото: Центар Јадро