Во Скопје денеска се одржа солидарен Осмомартовски марш, со цел да се одбележи борбата за слобода, автономија и социјална правда на жените, а воедно имаше и повик за бојкот на големите ланци на маркети и трговски центри, за кои беше речено дека преку вештачки наметната инфлација ги доведуваат граѓаните до раб на егзистенција.
Оттука и на маршот преовладуваа различни извици и транспаренти. Главната порака беше „Нека јадат ружи“, а притоа меѓу присутните се слушаше и „Слобода за жените“, „Сакаме економска и политичка правда“, „Доста е силеџиство“, „Смрт за фашизмот“, па се’ до „Не ти правам ручек“ и „Пери си ги гаќите“.
View this post on Instagram
Маршот тргна од Универзална сала по „Партизанска“, преку „Илинденска“ до Влада, за на крај да симболично да заврши кај Паркот „Жена-борец“, каде имаше говори.
Од здружените граѓански организации, преку Платформата за родова еднаквост и поддржувачите, беше посочено дека 8 Март не е ден за симболични гестови и излитени фрази.
„Што ќе ни се ружи, кога немаме за леб? Дали ружите ќе не’ спасат од сиромаштијата и системското силеџиство што ни ги окупира јавните и приватните простори. Општеството се милитаризира. Националистичкиот и фашистички говор се засилува. Сведочиме војни и еколошки катастофи и од свој џеб плаќаме за невиденото лакомење на малкумина, кои лажно ги креваат цените на основните продукти и кириите. Овој систем на нееднаквост и надмоќ преживува врз грбот на женската слобода и труд!“, беше упатено како порака во паркот.
Исто така, беше кажано дека на секои 10 вработени мажи има само седум вработени жени, воедно, жените на работа редовно се соочуваат со сексуално вознемирување, мобинг и сексизам.
„Само изминатиов месец, бевме сведоци на низа случаи на сексуално насилство, експлоатација, тргување и уценување на жени од нивните интимни партнери и сопрузи“, посочија здружените организации.
View this post on Instagram
Тие повикаа на вистинска заштита и поддршка за жртвите на родово-базирано насилство, а најавија и борба за правда за сите жени кои го загубија животот поради системска негрижа и фемициди.
„Сакаме здравство кое лечи, а не убива. Нема повеќе да преговараме дали ќе има лекови за пациентите на Онкологија, и нема да дозволиме родилки да умираат, или некој да ги касапи нашите тела, а потоа да не одговара пред правдата. Сакаме безбедни јавни простори во кои се чувствуваме слободни. Потребни се осветлени улици и функционален јавен превоз, но и вклученост на жените во урбанистичкото планирање“, рекоа претставниците на здружените организации.
Воедно, рекоа дека нема да дозволат бришење на родовата еднаквост од образованието, но побараа и да се спречи ширењето на штетните родови наративи и предрасуди.
„Одговорно и родово-сензитивно известување во медиумите, но и заштита на новинарките. Наместо да предизвикуваат сензационализам, медиумите треба да го осудуваат насилството и да ги заштитат жртвите. Бараме и крај на експлоатацијата и работната дискриминација. Работничките во текстилната, преработувачката, земјоделската и културната индустрија заслужуваат безбедни работни услови, праведен надомест, право на боледување и породилно отсуство“, посочија тие.
Инаку, покрај бојкот на големите маркети, денеска се одржаа и акција. Акцијата се состоеше од неколку делови: активистите вчера беа Битпазар и побараа донации од пазарџиите, храна што не им е толку привлечна и би ја фрлиле, за да ја искористат при готвење. Потоа активистите спремија состојки за посен сендвич и денеска ги даваа пред „Веро“ и „Кам“ во ГТЦ, како локација каде често се собираат бездомни лица, лица што просат и лица од работничката класа.
„Поставивме маса, транспарент за целодневен бојкот и бесплатен посен оброк и освен сендвичи, поделивме и флаери со порака за обединување и раскрстување со капитализмот. Флаерот беше преведен и на албански и на ромски. Не поминаа ни 5 минути од акцијата, а еден човек истрча од ‘Кам’ со пакет газоза и пластични чаши и ни ги остави да ги поделиме и нив. Преубава енергија имаше, разговаравме отворено со луѓето за како системот нè дели за да нè експлоатира и го промовиравме маршот за 8 Март“, рекоа активистите и активистките за Радио МОФ.
Текст, фото и видео: Бојан Шашевски, освен фотографиите од акцијата