[Видео + фото] Отворен компјутерски центар за игри и интеграција за млади

Опремен со 10 гејмерски компјутери со соодветен софтвер, игри и периферни уреди, а истовремено обоен и со топли бои кои ќе зближуваат, вчера во рамките на ДХО „Даре Џамбаз“ беше отворен компјутерски центар за игри и интеграција за млади, како дел од партнерството меѓу УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци и Црвениот крст на град Скопје. 

Како што објаснуваат иницијаторите, се работи за Гејминг центар за млади (Gaming hub) – ангажирачка едукативна средина која нуди можност за користење на слободното време на младите бегалци, баратели на азил и млади од локалното население што припаѓаат на ранливите категории лица.

Сржта на овој центар е да им понуди можност на младите за развој на дигитални вештини, но тој има за цел исто така да ја поттикне нивната креативност, тимската работа, стратешкото размислување преку медиумот на игри, а и да ја олесни интеграцијата и да го подобри менталното здравје на ранливите категории млади луѓе во македонското општество, вклучувајќи ги бегалците и барателите на азил.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Радио МОФ (@radiomof)

Александра Валкановска од Црвениот крст на отворањето пред присутните кажа дека и кај возрасните, но пред се’ кај децата се забележува енергија дека ова може и треба да прерасне во нивно катче. Место каде убаво и организирано ќе ги по поминуваат слободното време.

„Сметам дека е едно убаво, топло опкружување и една атмосфера во рамките на Црвениот крст со која и на родителите ќе им биде добро, знаејќи каде им се децата и што точно прават“, посочи Валкановка.

Имајќи го предвид некогаш и големото време кое, за жал, децата го поминуваат на мобилните телефони, и на компјутерите, таа посочи дека ова не е придонес за да поминуваат уште повеќе време на тој начин, туку едноставно тоа да го прават на добар, структуиран начин, со поддршка на волонтерите.

„Со нивната програма ќе понудат добра средина за децата и да ги научат како и колку треба да прават на таа возраст, воедно да им биде забавно и интересно, меѓутоа и нешто да научат. Дигиталните вештини се учат од мали нозе. Ние бевме генерација која можеби подоцна го осознавме тоа, меѓутоа за оваа генерација, за овие деца тоа преставува можност“, нагласи Валкановска.

Претставникот на УНХЦР, Габриел Гуалано де Годој, посочи дека ова што го прават заедно со Црвениот крст, прво и основно, е многу моќна порака до децата.

„Ако обрнеме внимание, тука имаме млади Македонци и млади бегалци. Мислам дека тоа е симболот и важноста на нашите организации. Тука сме да ја поддржиме заедницата, но и да направиме повеќе за децат бегалци, да бидеме со нив солидарни. Нашата порака до нив е: добредојдени сте, ова е истовремено и вашaта куќа. Стекнете пријателства, забавувајте се, а притоа се надеваме дека ќе добиете и некои вештини, затоа што очигледно е дека игрите ви прилегаат, па затоа – уживајте“, нагласи Гуалано де Годој.

За него нема сомнеж дека гледаат свет на иднината. Не само свет што ќе биде дигитален, туку и за наредната генерација ќе претставува порака за солидарност и мирен соживот.

„Силно верувам во трансформативната моќ што ја има вклучувањето, поминувањето структурирано време заедно, учењето нови вештини, но исто така и играта, споделувањето хоби и слободно време со врсниците. Сето тоа е клучно за добросостојбата и успешната интеграција на младите присилно раселени луѓе во општеството. Едвај чекам да ги видам насмевките на младите кои ќе го посетуваат Центарот“, посочи тој.

Надоврзувајќи се на претходните излагања, секретарот на Црвениот крст на град Скопје, Сузана Тунева Пауновска, рече дека надежта е преку овој гејминг центар ќе може да се развиваат и други вредности кај младината и децата.

„Пред се’, можеби волонтерството, можноста да се биде дел од активности што нудат поинаква социјализација’, рече Тунева Пауновска.

Според неа, во средиштето на волонтерството е ангажманот на заедницата при интеграцијата на сите луѓе во општеството, вклучувајќи ги и присилно раселените лица кои немале избор освен да избегаат од својот дом.

„Црвениот крст постојано работи на подигнување на свеста за потребата од ангажирање за интеграција, за подобрена комуникација помеѓу врсниците, за учење и прифаќање на културните разлики, за споделување и учење вештини едни од други и за промовирање на принципите на вклучување и еднаквост“, нагласи таа.

Бојан Шашевски и Мартин Колоски
Фото: Радио МОФ