Со едноминутен молк за сите загинати во Газа, читање поезија од повеќе поети, со извици „Слободна Палестина“, но и со упатени пораки до Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), денеска на платото на најголемиот универзитет во Македонија се одржа протест на студенската иницијатива УКИМци за Палестина.
Од иницијативата на студенти, постдипломци и работници на УКИМ, рекоа дека го организираат овој протестен собир, пред се’, за да ја искажат солидарноста со палестинскиот народ, палестинските студенти, но и работниците на палестинските универзитети.
Тие упатија барање до УКИМ, со цел, како што велат, да го прекине срамниот молк за нападите, како и да се обврзе дека нема да соработува со државата Израел се’ додека нема траен прекин на огнот.
View this post on Instagram
„Универзитетот, како една од најзначајните академски и високообразовни институции, е должен да се огласи и да заземе став за едно од најголемите злосторства во поновата историја. Токму сега универзитетот треба да застане солидарно со студентите низ светот кои трпат полициска бруталност, а уште повеќе со палестинските студенти кои останаа без ниту еден универзитет. Критичкото позиционирање е едно од фундаментите на интелектуалната заедница, а неутралноста е соучество“, рекоа од иницијативата на протестот, кој наиде на поддршка и од останати граѓани.
УКИМци за Палестина цитираа дел од програмата на ректорката Биљана Ангелова, каде се вели дека мисијата на УКИМ, меѓу другото, е да промовира интелектуална средина во која се почитуваат и прифаќаат разликите меѓу луѓето и посветеноста на знаење, развој и човечки вредности.
„За какви човечки и етички вредности може да зборуваме, ако универзитетот не го осуди геноцидот и сколастицидот кој се случува на светот? Образованието има моќ да еманципира, само кога оние кои (се) образуваат имаат автономија да ги живеат и спроведуваат овие хуманистички начела. Во спротивно, образованието што го нуди универзитетот би било само теоретско, без никаков материјализирачки потенцијал“, потенцираа од иницијативата.
Оттука, бараат УКИМ да заземе јасна позиција во однос, како што велат, геноцидот кој Израел го врши во Газа, по примерот на многу светски универзитети, во форма на декларација.
„Јасно и јавно да го осуди геноцидот врз палестинскиот народ. Јасно и јавно да искаже солидарност со Палестина. Да се обврзе дека нема да склучува договори со израелски партнери додека нема траен прекин на огнот. Јасно и јавно да искаже солидарност со студентското движење низ светот и да ја осуди полициската бруталност која ја трпат студентите“, побараа од иницијативата, кои на протестот го читаа и отвореното писмо со пораки од академиците од Газа.
Како студенти на додипломски и постдипломски, алумни и работници на УКИМ, сметаат дека е многу важно да се култивираат и поддржуваат секаков вид студентски движења.
„Тие се еден вид на стабилизатор на општеството и секогаш е важно студентите да застанат на вистинската страна на историјата и да го искористат својот глас. Веруваме дека и УКИМ може да застане на вистинската страна на историјата“, порачаа УКИМци за Палестина.
Бојан Шашевски