[Видео + фото] Протестен перформанс на ФИНКИ: Немаме зграда, учиме пред Влада

Скопскиот булевар „Илинден“ пред Владата денеска се претвори во амфитеатар, место каде гласно се дискутираше и се „држеше настава“, како протестен перформанс на студентите и раководството на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), а притоа за поддршка дојдоа и студенти од различни факултети и организации.

Присутните порачаа „ФИНКИ нема зграда, учиме пред Влада“. Побааа властите да обезбедат соодветни просторни услови и модерен објект за овој факултет, кој со 5.000 студенти е најбројниот во Македонија.

Седнати во столчиња во импровизирана предавална на коловозот, студентите симулираа работилница каде се разгледуваа и „гласаа“ проектни и визуелни решенија за нов објект на ФИНКИ, додека деканатот со професорите ја одржуваа 25-та редовна седница на Наставно-научниот совет. Исто и тие со кренати раце „гласаа“ пред Владата, точка по точка од дневниот ред, за да укажат дека им се потребни соодветни простории за работа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Радио МОФ (@radiomof)

Деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски рече дека се незадоволни што Владата не донела одлука за кратотрајно решение на проблемите со кои се соочуваат скоро деценија и пол.

„Факултетот егзистира без сопствен објект повеќе од 13 години, а во минатото на повеќе наврати се направија напори да се надмине проблемот, но, за жал, се’ уште немаме финално решение. Факултетот изминатите две години активно работеше со Владата, беа разгледувани и сугерирани објекти во државна сопственост, или кои не се на државата“, посочи Јакимовски.

Оттука, рече тој, денешниот протест е протест за двете работи. Освен да се подигне свесноста и државата многу поактивно да се заангажира за трајно решение, тука е и барањето да се обезбеди дополнителен простор кој моментално се наоѓа во Техничкиот кампус на УКИМ.

„Тоа е за да може да го адаптираме и од септември-октомври да започнеме да спроведуваме настава во порелаксирана околина. Секако, останува да се разговара и за трајното решение. Има многу опции, пример – Рамстор, или Сојуз на синдикати, кој веќе е во државна сопственост, кој како објект може да се пренамени во високо-образовна институција. Таму веќе неколку години егзистираше Универзитетот ‘Мајка Тереза’, пред да влезе во свои простории. Таа зграда, после соодветна анализа, може да се адаптира за потребите на ФИНКИ“, потенцираше деканот.

Во однос зградата на ФИНКИ која требаше да никне на парцелата до Општествениот кампус на УКИМ, таа уште од старт ја следат бројни проблеми, а сега можеби е предоцна за преселба на факултетот.

Прво, таа е проектирана уште во 2013, кога во ФИНКИ имаше многу помалку студенти. Второ, за таа зграда, заедно со објектот на Факултетот за физичка култура, во Буџетот за 2024 се издвоени само 3 милиони денари, што според деканот дава простор само за
„подготвителни активности“. Трето, за да се заврши таа зграда на ФИНКИ ќе бидат потребни неколку години, а четврто, Дозволата за градба и’ истекува за помалку од година дена.

„Ова значи дека потоа ќе има правен вакуум за примопредавање и ставање во функција, процес што не знаеме колку ќе потрае“, забележа Јакимовски.

На прашањето на Радио МОФ какви услови и стандарди му требаат на ФИНКИ, тој посочува: „пред се’ модерен објект со малку поголеми училници, бидејќи нашите групи за студенти се поголеми“.

„Најмногу користиме компјутерски училници, меѓутоа, соодветен би бил објект во ранг над 6.000-10.000 метри квадратни, кој би имал место не само за студентите, туку потенцијално и за стартап компании… ФИНКИ организира многу странични активности и настани, а компаниите од ИКТ сферата активно се присутни во нашиот кампус, кои ние максимално ги поддржуваме. Оттука, добро е да бидеме во една заедничка зграда, во еден заеднички дом. Дигитализацијата и развојот на општеството кои ги прават информатичките технологии се едни од позначајните гранки на индустријата“, нагласи Јакимовски.

ФИНКИ доби поддршка од УСС УКИМ

Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ беше присутен на протестот со повеќе свои претставници. Тие помогнаа да се организира и импровизираната работилница каде се разгледуваа решенијата за нов објект на ФИНКИ.

„Тука сме поради неубава причина. Причина која не соодејствува на денешниот 21 век, кои ние го гледаме како современ и модерен свет. Имено, секој втор студент што студира на УКИМ – студира на ФИНКИ. Тој е најголемиот факултет во државата, а ФИНКИ, замислете, нема зграда“, рече Данило Крстовски од УСС УКИМ.

Покрај сите барања и преговарања од изминатите години, посочува дека се дојдени да дадат поддршка, да се покаже дека ја перцепираат оваа ситуација како сериозна и конечно да се најде решение.

„Бидејќи, ако како студенти немате зграда, го немате основното место каде да се запознаете. Основното место во кое треба да направавите спомени. Основното место каде треба да сфатите зошто сте се запишале на факултетот, зошто сте се мачеле толку и зошто сте го завршиле. Тоа е особено важно во овој момент на развиток на нас како студенти и граѓани“, нагласи Крстовски од УСС УКИМ.

БРО: Го поддржуваме ФИНКИ, ама не се селиме од нашата локација

Откако ФИНКИ како едно од решенијата побара да се дислоцира Бирото за развој на образованието (БРО), чии вработени се сместени во три од бараките на Техничкиот кампус, денеска со своја реакција се јави токму БРО.

Од таму се децидни, остануваат на истата локација на улицата „Руѓер Бошковиќ“ број 20.

„Сѐ додека не се изгради објект според потребите и надлежностите на институцијата, согласно бројот на вработени и согласно услугите што ги пружа на повеќе од 23.000 наставници нема да дозволиме ‘селење во непознат правец’ без соодветни услови за работа, со рушење на достоинството и на институцијата и на вработените. Исто така, ги информираме Министерството за образование и наука, Владата и сите други надлежни институции дека нема да прифатиме никакво решение во врска со просториите на Бирото, доколку во процесот не бидат вклучени претставници од Бирото и не бидат земени предвид сите потреби и специфики поврзани со дејноста на Бирото“, соопштија од БРО.

Истовремено, се залагаат да се најде соодветно решение за непречено одвивање на наставата на студентите на ФИНКИ.

„Го поддржуваме Факултетот во залагањата да обезбеди соодветни услови за настава и трајно да го реши просторниот проблем, наместо да бара ‘привремено’ решавање на проблемот во ‘привремените објекти’ на Бирото за развој на образованието, во кои нема услови за настава“, стои во реакцијата на Биро за развој на образование.

Бојан Шашевски