[Видео + фото] Семејствата на настраданите од Кочани побараа одговорност: Сега се нашите деца, утре можат да бидат други

Семејствата на настраданите во кочанската трагедија денека во Скопје го предводеа „Маршот на ангелите“, посетија неколку институции, а притоа побараа правда, одговорност и оставки од сегашни и претходни функционери. Воедно, дел од нив се сретнаа и со министерот Панче Тошковски.

Протестот започна во 12 часот и 5 минути, како симбол на задоцнетата реакција на институциите, пред Јавното обвинителство.

„Јавниот обвинител Љупчо Коцевски  и министерот (за внатрешни работи) Панче Тошковски се најкриви и најзасегнати за оваа работа. Ние граѓаните им ги купивме топлите фотељи и ги плаќаме со илјадници евра месечно. Дали тие направија ревизија на работата на нивните претходници? Дали некој затворија?“, праша Владимир Апостолов, како гласноговорник за родителите кои дојдоа на протестот со транспаренти, но и слики од своите загинати деца.

Апостолов смета дека функционерите не се државата, тие се узурпатори, а државата се граѓаните. Ги повика и сите во институцијата да си дадат оставка и да ја напуштат зградата.

„Ние сме вашите владејачи, не вие наши. Ве плаќаме за да правите милионски криминали. Јавното обвинителство по ниту еден допрен глас нема излезено досега. Барем еднаш, една половина од вас да излезеше, немаше да ги гледаме овие деца тука мртви. Повикувам сите еден по еден да излезете од таа зграда и да не ги манипулирате тие луѓе затоа што ви се пуштени ботови таму меѓу родителите за да го контаминира целиот овој наш марш“, апелираше Апостолов.

Исто така, им порача на студентите да не ги третираат владејачите кои народот ги плаќа додека, како што рече, живеат во скапани студентски домови поопасни од шталата во која загинаа многу деца и многу се повредени.

Апостолов прочита список од сегашни и поранешни главни функционери на Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување и Општина Кочани.

„Дали некој е уапсен? Не е“, рече Апостолов.

Меѓудругото, ги повика и сите чесни генерали и војници во Армија на Македонија да ја преземат власта и да се избере експертска Влада. Според него, има многу правни, економски, градежни, машински и експерти од секоја фела кои можат да направат добар систем и да ги „испеглаат“ законите.

„Не бива вака луѓе, ова веќе е крај на нашата држава, нели разбирате? Мислите ли дека со вакви луѓе подобро ќе биде? Нема да биде, верувајте ми. Тие се дрзнаа пред погребот на најголемата трагедија, не само во Македонија и поранешна Југославија, туку во Европа и пошироко, да уплатат 400 илјади евра наши пари за да си одредуваат рејтинг. Кој рејтинг? Каков рејтинг? Банди криминални ни ја владеат државата и уште си молчиме и слушаме. Од што се плашиме? Што можат да ни земат? Што повеќе од ова?“, нагласи Апостолов пред Јавното обвинителство.

Насобраните граѓани преку плоштадот „Македонија“ потоа се упатија кон Собранието, каде, пак, денеска пратениците расправаа за интерпелација на Тошковски.

Пред законодавниот дом постојано се слушаа извици: „Правда“ и „Оставки“. Повторно се читаа имињата од сегашни и екс функционери.

„Ги повикувам сите пратеници од владејачката структура, слободно нека го депонираат својот мандат нека си дадат отказ, не сакаме да ве плаќаме, не сакаме да ве плаќаме месечно со илјадници милиони евра. Тошковски ти си најодговорен за ова. Ти го лажеше целиот народ дека ќе се справиш со криминалот заедно со својот јавен обвинител“, рече еден родител.

„Од која дата ќе почнете со одговорност? Лиценците не биле дадени во вашата, а каде се претходните? Се’ е лажно, лажни сте и вие, само нашите деца се мртви!“, додаде друг родител.

„Сега се нашите деца, утре можат да бидат други деца“, извика трета мајка.

На асфалтот пред законодавниот дом се приклучија и некои од пратениците на опозициските партии, откако дел од родителите ги повикаа „да бидат со народот“.

Родителите подоцна се сретнаа и со министерот Тошковски. Тие пред него ги повторија барањата за правда и одговорност на повеќе инстанци и функционери, а тој посочи дека правда може да има исклучиво само институционално.

„Истрагата сѐ уште е во тек. Досега се осомничени 70 луѓе. Осомничени се и актуелен министер, актуелен командир на полициска станица, актуелен градоначалник, актуелен директор на Дирекција за заштита за спасување. Дали е во притвор, или не, тоа е мерка што ја одлучува судот“, рече Тошковски, додавајќи дека позицијата што ја има не му дозволува да открива дел од истрагата, но ќе може за месец и пол од сега.

Потоа ги замоли медиумите да не бидат во просторијата каде се разговараше со родителите.

По средбата, ниту родителите, ниту министерот не дадоа изјави.

Бојан Шашевски и Ангела Петкова