„Обидувајќи се да бидам мал дел од промената на овој систем на подобро, сфатив дека сум потонал во живата кал на неговите најлизгави слоеви. Навистина, често во последно време велев дека за да изградиш нешто во општество од кал, мораш да ги извалкаш рацете. Можеби повисоките сили решија да ги тестираат моите зборови преку ова искушение. Ми потврдија дека сè, сепак, зависи од честа“.
Со делови од говорот на студентот Бошко Ристиќ од Нови Сад, денеска студенти и активисти на „Еквалис“ дадоа поддршка на граѓанските протести во соседна Србија, но и на младите што се бунтуваат и ги окупираат факултетите.
Протестниот собир се одржа пред амбасадата на Србија, каде присутните преку транспаренти упатија пораки „Рацете ви се крвави“, „Студентскиот глас е посилен од бетон“ и „Скопје во солидарност со Србија“.
View this post on Instagram
„Денес сме собрани како студенти, но најпрво како сограѓани, со цел да искажеме сочувство и солидарност кон загинатите жртви во несреќниот настан во Нови Сад. Исто така, да ги поддржиме студентските протести во Србија. Воедно, сакаме да допреме до сите студенти и студентски здруженија, како и пошироката публика и да им препорачаме дека навистина сме посилни и заедно можеме се’“, изјави Сара Николовска, студентка од Филолошкиот факултет.
Пред новинарите се обрати и Луна Мичевиќ, Србинка која студира во Скопје. Таа рече дека осеќа граѓанска должност да се биде заедно со студентите и луѓето што протестираат.
„Доста ми е од лаги кон дедо ми, баба ми и целата моја фамилија! Сите сме гневни и лути поради целата ситуација. Ова не трае само сега, туку изминатите десет години, колку што е оваа власт (во Србија). Сакам да им порачам на моите колеги: овде сме за вас. Сакам да ги поддржам и со ова темпо мислам дека ќе успееме. Не треба да попуштаме!“, рече Мичевиќ.
Од организацијата „Еквалис“ посочуваат дека поддршката доаѓа и за автентичниот начин на кој, како што велат, студентите во Србија пробуваат да ја ослободат својата држава. Според активистите, Македонија во своето демократско растење се има ослободено од авторитарност преку плануми, окупации на факултети и прогласување факултетски автономни зони.
„Значи, во моментот во Србија гледаме многу слична ситуација на она што се случуваше во Македонија пред неколку години и буквално ги гледаме сличните елементи на студентско организирање, кое особено нас како организација и активисти ни се многу важни. Иако ситуацијата во Србија е врзана за специфичен настан – рушењето на настрашницата, сепак овие протести веќе го покажуваат незадоволството за години насобрани фрустрации поврзани со корупција, со авторитарниот режим во Србија, со репресијата врз активистите… Така што, овие протести се одраз на сето тоа и делиме многу блиска реалност“, рече Ангел Димитриевски од „Еквалис“.
Тој потсети дека студентските организации во Македонија веќе испратиле писма за поддршка кон колегите во Србија, но, сепак, сметаат дека физичката форма на протест е најдобрата. Затоа, се надевале дека денеска ќе има и поголема физичка поддршка и од домашните студентски претставнички тела.
„Oна што се случи во Македонија во 2016 година, кога студентите ги окупираа факултетите, тогаш студентите во Србија излегоа пред амбасадата на Македонија, како знак на поддршка. Така да, сметаме дека сите форми на поддршка се добредојдени, но на крајот на денот, протестот е она што е најважно“, нагласи активистот од „Еквалис“.
Присутните се приклучија кон барањата на студент(к)ите од Нови Сад, односно за објавување на комплетната документација поврзана со реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад.
Исто така, за кривично гонење и спроведување на кривични постапки против правните и физички лица одговорни за рушењето на настрешницата во Нови Сад, во согласност со законот. Понатаму, има барање и за оставки и утврдување кривична одговорност на претседателот на Владата на Република Србија, Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
„Кривично гонење и спроведување на кривични постапки против сите лица одговорни за напади врз учениц(чк)ите, студент(к)ите и граѓан(к)ите вклучените во мирните демонстрации. Кривично гонење и спроведување на кривични постапки против полициските службеници одговорни за нападите и нанесување повреди на Илија Костиќ“, соопштија од „Еквалис“.
Инаку, Радио МОФ изминатиов период на повеќе пати пишуваше за состојбите во Србија. Студенти и активисти за нашиот медиум раскажаа како над 80 факултети и средни училишта повеќе од еден месец се блокирани, а бројката секојдневно расте. Блокадите започнаа по нападот на студенти и новинари кои пред Факултетот за драмски уметности во Белград оддаваа почит на загинатите при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, каде загинаа 15 луѓе, од кои еден е Македонец. Ова се случи на 22 ноември и оттогаш се интензивираа и секојдневните улични протести. Демонстрантите и медиумите тврдат дека владејачката партија испраќа „батинаши“ (тепачи) кои намерно предизвикуваат инциденти на протестите, а за кои се наведува дека се и носители на јавни функции. Истовремено, студентите и активистите се организираат со разни протестни акции, иницијативи, блокади, алтернативни предавања и методи… Се’ со цел, како што велат, да се зајакнува истрајноста и борбата за исполнување на нивните барања.
„Борба за правда во земја без правда“: Како течат студентските блокади во Србија
Бојан Шашевски, Мартин Колоски, Ангела Петкова