Петмина тинејџери од францускиот град Бордо се уапсени откако изминатиот викенд, „расположени“ упаднале во циркус и украле лама, којa потоа ја возеле со трамвај низ градските улици. Дел од останатите патници во градскиот превоз му се пожалиле на контролор, кој интервенирал и ја врзал ламата со има Серж за бандера.
Екипата се забавувала во клуб, по што излегле и налетале на затворениот циркус.
„Влеговме во циркусот и си игравме со животните. Сакавме да земеме зебра, но беше многу тврдоглава. Ламата одеше со нас како некое добро куче“, изјавил еден од петтемина тинејџери, кој се претставил како Матие.
Пијаните тинејџери се уапсени, но нема да бидат обвинети. Случката со ламата стана многу популарна во Франција, а Фејсбук-страницата на која се бара помилување за тинејџерите за само неколку дена ја поддржаа преку 800.000 луѓе.