[Видео] Генерален штрајк и демонстрации на двегодишнината од железничката трагедија во Грција

Две години по железничката несреќа во Грција, генералниот штрајк и демонстрациите ја доведоа земјата во застој додека се одбележува годишнината од трагедијата која стана симбол на институционален неуспех, пренесува Данас.

Масовната мобилизација на јавноста, предводена од роднините на 57-те убиени луѓе, беше поттикната од негодување на јавноста поради перцепираната неактивност на конзервативната влада.

Критичарите велат дека политичарите треба да одговараат за неуспесите што довеле до несреќата, а досега за несреќата се обвинувуваат само железничарите.

Катастрофата што се случи на денешен ден во 2023 година во долината Темпи, кај Лариса, кога патнички воз директно се судри со товарен воз што доаѓаше – беше најтешката железничка несреќа во Грција.

Во несреќата беа повредени десетици лица, а истовремено беа откриени и недостатоци во транспортната инфраструктура во земјата.

„Мора да излезе целосната вистина на виделина, а одговорните, без разлика на нивната позиција, мора да бидат повикани на одговорност. Сите да излеземе на улица, да го изразиме огорчувањето и барањата на огромното мнозинство од грчкиот народ“, рече Јанис Панагопулос, претседател на најголемиот синдикат во земјата, кој го поддржа денешниот штрајк.

Летовите и железничките услуги денеска се откажани, траектите се запрени, а јавниот транспорт низ земјата е сериозно нарушен. Погодени беа и приватните бизниси и јавните служби, а многу продавници во Атина беа затворени, оставајќи пораки на солидарност за семејствата на жртвите на нивните излози.

Илјадници луѓе се собраа пред парламентот, додека демонстрации се планирани во повеќе од 300 градови и населени места во Грција и во странство. Демонстрантите во Атина скандираат „Вие броите профит, ние броиме животи“, носеа црни балони и антивладини транспаренти.