Маж од Германија го собори светскиот рекорд за најмногу божиќни елки во неговиот дом, јавува германската новинска агенција „ДПА“. Со 444 елки кои го преполнија неговиот стан во северниот германски град Тинтелн, Томас Џеромин постави и украси пластични елки низ целиот дом, во ходникот, спалната соба, канцеларијата и практично во секој слободен простор.
Германскиот институт за рекорди (РИД) ги посети 55-годишниот Џеромин и неговата сопруга Сузане во нивниот дом на 6 декември за да ја потврди огромната колекција како нов светски рекорд за „најмногу украсени божиќни елки на едно место“.
Џеромин вели дека му требаат околу 47.000 новогодишни светилки за да ги осветли сите елки во станот од 100 квадратни метри. Претходната година тој накитил 420 елки.
Исто така, тој нудел и обиколки низ неговиот стан пред да почне пандемијата.
Галериите и културните простори се претежно отворени во Германија дури и во екот на четвртиот бран на коронавирусот, но со оглед на огромниот број новогодишни елки во станот, едноставно нема доволно простор за посетителите да ги следат тековните регулативи, велат од германскиот институт за рекорди.