Илјадници граѓани вчера излегоа на улиците во градовите низ Франција на протест откако претседателот Емануел Макрон го прескокна парламентот и ја донесе контроверзната пензиска реформа со која се подига старосната граница за пензионирање.
На плоштадот Конкорд во Париз полицијата се судри со демонстрантите. Уапсени беа повеќе од 120 луѓе кои палеа предмети на плоштадот.
„Тие велат капитализам. Ние велиме борба“, стоеше на еден од транспарентите кои можеа да се видат на протестот во главниот град.
„Доколку не проговориме сега, тогаш нашите права за кои Французите се бореле, ќе бидат изгубени. Макрон не знае што прави и е здружен со богатите. Лесно им е на луѓето во владата да кажат – работете повеќе, кога нивните животи биле многу лесни“, вели Николас Дуранд, 33-годишен актер кој учествувал во протестот.
Слични демонстрации се одржаа и во Рен, Нант, Лион и Марсеј, каде бесните демонстранти демолираа излози на продавници и банки, пренесува Еуроњуз.
Револтот следи откако Владата на Макрон, користејќи посебно уставно право, со кое го заобиколи гласањето во Парламентот и ги донесе пензиските реформи со кои границата за пензионирање се подигна од 62 на 64 години.
Уставниот член 49,3 е контроверзно право кое го има француската Влада со која може да донесе закон без дозвола од Парламентот. Во последните 60 години ова право било искористено 100 пати, најчесто од Влади кои немале парламентарно мнозинство.
Премиерката Елизабет Борн во Парламентот беше дочекана со извици на негодување додека ја соопшти оваа одлука.
„Не можеме да се коцкаме со иднината на нашите пензии. Оваа реформа е неопходна“, рече таа пред пратениците.
Претседателката на крајно десничарската партија Национално движење, Марин Ле Пен, најави дека во наредните денови ќе биде поднесен предлог за гласање недоверба на Владата, додека политичарот од Комунистичката партија, Фабиен Русел, изјави дека „мобилизацијата ќе продолжи“ и дека „реформата мора да се укине“.
Француските синдикати најавија нови протести низ земјата на 23 март.