Долгогодишното сивило на главниот град на Перу, Лима, го разбија разнобојните фасади кои создаваат оптичка илузија на живописен џиновски мурал на ридот Сан Кристобал, кој може да се види од повеќе локации низ градот.
Овој проект во квартот Летиција започнал пред пет месеци и го водат муралистите Карла Маган и Даниел Манрик. Нивната цел е да се подобрат животите на заедницата погодена од Ковид-19, а истовремено да се промовира и туризмот.
„Овој рид беше сметан како небезбедно место во градот. Се зборуваше дека ова маало е опасно. Ние решивме да ја промениме оваа социјална стигма преку уметност“, објаснува Манрик.
Шарените слики ги красат повеќето згради во квартот а работниците паралелно работат на брусење на скалите и камените ѕидови во весели нијанси на жолта и портокалова боја. Уметничкото дело опфаќа преку 300.000 метри квадратни.
Амбициозниот проект има поддршка од општинските власти на Лима, како и локална компанија за производство на бои. Истовремено локалните жители помагаат во боење на објектите за да го оживеат овој џиновски мурал.
„Тоа е наш одговор како соседи, како жители и уметници – да се обидеме да поттикнеме промена во нашите соседства низ енергијата на боите“, додава Маган.