„Нема да има толку крв ако се’ е по закон! Бараме одговорност!“. Под овој транспарент, стотици граѓани на Кочани денеска маршираа низ градот барајќи правда и одговорност за вчерашната трагедија во која загинаа 59 луѓе.
Протестот започна во 13 часот во Градскиот парк каде граѓани оддаваа почит на загинатите. Потоа, тој продолжи кон зградата на општината, каде граѓаните фрлаа со јајца.
Маршот продолжи кон центарот на градот каде беше демолирано кафуле во центарот на Кочани. Како што пренесе „Трн“, се работи за кафулето „Класик“ на сопственикот на дискотеката „Пулс“.
Граѓаните потоа стигнаа и до полициската станица во градот скандираа „Секој еден, може да е следен“, „Исти сте“, „Сакаме правда“…
На протестот, граѓаните, претежно млади луѓе, носеа транспаренти на кои имаше пораки како „Луѓето што имаа задача да не чуваат, не убија“, „Ги изгубивме нашите, но нема да ја изгубиме правдата“,
Денешниот протест доаѓа по најавите кои вчеравечер се проширија на социјалните мрежи, на кои беше посочено дека овој протест е израз на длабока болка и револт за загубените животи, но и за состојбата во која се наоѓаме како општество.
На градскиот плоштад и денеска, огромен број граѓани палеа свеќи и оставаа пораки во книгата на жалост.