Нова зима, нов протест пред институциите задолжени за аларматните состојби со аерозагадувањето. Граѓани повторно се собраа во централно Скопје да побараат решенија, а не оддолжување на проблемот што годишно убива по 5.000 луѓе во Македонија.
Протестниот марш против загадениот воздух тргна од Министерството за животна средина, каде пред насобраните граѓани најпрво се обрати Горјан Јовановски, еко-активист и советник на иницијативата Зелен Хуман Град.
Тој им се заблагодари на луѓето што дошле тука, што издвоиле половина час од работното време, или решиле дека протестот е поважен од кафето и ручекот.
„Едно од девет деца годишно го губи животот поради аерозагадувањето. Така што, ако ова не е голем проблем, јас навистина не знам што е. Ова не е исклучиво скопски проблем, овој проблем го имаме и во Охрид, Битола, Струмица, Куманово, Тетово, насекаде. Тоа значи, ние бараме конкретна државна стратегија“, нагласи тој пред присутните.
Маршот потоа се движеше по мостот „Слобода“, покрај Вардар, ГТЦ, по коловозот на „Филип Втори Македонски“, па сѐ до Собранието. Таму повторно говор, повторно пораки за политичарите, овој пат за оние што седат во парламентарните столчиња.
„Оние што седат во фотелјите често сакаат да кажат ‘загадувањето не се решава преку ноќ’. Првата мерна станица ‘Скопје дише’ на улицата ‘Македонија’ беше поставена пред 14 години. Оттогаш помина не една ноќ, туку над 5.100 ноќи! Па, колку ноќи им требаат на овие луѓе?! Тоа не е ноќ, тоа е токсичен мрак што трае повеќе од една деценија, во која многу луѓе испуштија душа, испуштија здив“, рече Јане Димески, еко-активист и советник од иницијативата Шанса за Центар.
Исто така, посочи тој, многу премиери, министри и градоначалници ја имаат фразата „немаме магично стапче да го решиме загадувањето“.
„Сите знаеме дека лажат. Има магично стапче, а тоа се вика Буџет на Република Македонија. Над 6 милијарди евра ќе вреди буџетот за идната година, а во него пари за загадувањето – нема! Магијата на буџетот е за други резервирана, за тендери за набавка на нафта од нивните другари. Над 700 јавни институции во Македонија секоја година трошат над 20 милиони евра за да се загреат и да го загадат воздухот. Значи, тие што треба да не’ штитат, да го овозможат уставното право на чиста животна средина – тие не’ трујат со наши пари“, рече Димески со мегафонот пред законодавниот дом.
Според него, во групата институции што загадуваат со нафта или мазут се разни јавни објекти, училишта, градинки, јавни претпријатија.
„Во тие 5.100 ноќи од 2011-та па навака, никој не си ја сработел домашната работа од институциите. Никој! Така што, само овде во Скопје, скопските општини и болниците во градот, како и секоја зима, за да се загреат горат над 2 милиони литри нафта“, забележа еко-активистот, посочувајќи го апсурдот дека една од институциите што загадува со нафта е и Клиниката за белодробни заболувања за деца во Козле.
Демонстрантите отидоа и до Владата. Попатно постојано извикуваа „Сакаме да дишеме“, „Убијци“, „Лопови“ и „Што ви дишат децата?!“. Меѓувремено ги повикуваа и минувачите да им се приклучат во протестите и борбата.
Оваа еколошка борба, според еко-активистот Дејан Димитровски, трае веќе 15 години. Толку време веќе излегуваат, здружено протестираат за чист воздух, иако добивале и обесхрабрувања дека треба да се откажат, или нема кој да ги поддржи.
„Меѓутоа, ова што го гледам, срцево ми е полно и се надевам дека и младите генерации ќе го продолжат патот. За да можат тие да живеат тука, наместо да бегаат во друга држава за да дишат чист воздух“, посочи претставникот на Зелените од Гази Баба.
Тој потсети на една од најголемите еколошки бомби во Скопје – некогашната депонија Вардариште. За неа веќе се направи и Физибилити студија која, објасни тој, покажа дека преку почвата и водата има тешки метали.
„Во меѓувреме таму се пали бакар и останати средства (гуми и разен отпад н.з.), тие испуштаат диоксини и фурани кои се тешко канцерогени, а го дишеме тој воздух не само граѓаните на Гази Баба, туку и цело Скопје. Затоа бевме во општина Гази Баба, а градоначалникот ни вети дека, како прва точка, треба да ги заврши двата Плана (урбанистички кои се потребни за решавање на Вардариште н.з.). Го држиме за збор! Следниот момент е нова Физибилити студија што чини околу 50.000 евра. Тоа, не верувам дека нешто значи за Град Скопје. И на крај, од неколку политички чинители, кога дојде моментот за ремедијација на Вардариште, кога се спомена бројка од 40 милиони евра, кажаа дека тие пари ‘се многу’. Па, како не им е срам!? Колку чини човечкиот живот, дали вие го мерите со тие 40 милиони евра?!“, праша Димитровски, апелирајќи до новата Влада да ја заврши агононијата со Вардариште што трае повеќе од 25 години.
View this post on Instagram
На крајот, повторно пред присутните се обрати еко-активистот Горјан Јовановски. Креаторот на апликацијата МојВоздух, воедно, на лице место го измери аерозагадувањето, кое изнесуваше над 4 пати повеќе од безбедносната граница.
„Каде се мерките што требаше да не’ спасат од ова загадување? Мора да се чукнеме во главата, бидејќи веќе со децении ни ветуваат и едните, и другите, и третите, и четвртите – дека воздухот ќе го решат. Но, ништо немаме видено! Ако треба и наредните 10 години јас ќе викам, иако гласот ми зарипна. Воздухот е основно човеково право. Сакам јас да дишам чист воздух, моите родители и моите идни деца“, посочи Јовановски на блокираната „Илинденска“ пред Владата.
Насобраните граѓаните повторно во еден здив возвратија „Што ви дишат децата?!“.
Здружените еко-организации и иницијативи бараат Владата да ја задолжи Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините, со цел подобро да се управува со аерозагадувањето. Понатаму, јавно да се објави регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, но при контрола е утврдено дека ја немаат.
Исто така, меѓу другото, бараат да се забрани увозот на користени возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5″ стандард во земјава, да се изработи план за режим на сообраќај кој се активира веднаш штом се надминат граничните вредности, но и да се усвои Правилникот за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура, со цел да се стимулира немоторизиран транспорт и притоа да се намалува загадувањето и бројот на смртни случаи заболувања.
Доколку барањата не бидат усвоени, еко-активистите најавуваат нови протести и акции.
Бојан Шашевски, Ангела Бошкоска, Мартин Колоски, Ангела Петкова