„Побрзо, повисоко, посилно“ не е олимпиското мото само за учесниците на Олимписките игри во Јужна Кореја. Покрај Зимската олимпијада во Пјонгчанг, земјата е домаќин и на многу поинакво натпреварување во скијање. За роботи.
Скијачкиот центар Вели Хили во Хоенсеонг, на еден час возење од Пјонгчанг, е локацијата на „Робо-Скијачкиот предизвик“. Осум тима од универзитети, институти и приватни компании се натпреваруваат за награда од 10 илјади долари, пренесува Гардијан.
Додека спортистите се фрустрирани бидејќи скијачките дисциплини мораа да бидат одложени поради лошо време, нивните механички „колеги“ немаа таков проблем.
„Слушнав дека алпското скијање е одложно поради лош ветер. Штета. Роботите се снаоѓаат одлично овде“, вели Ли Сок-мин, член на победничкиот тим ТАЕКВАН-В.
Според правилата на натпреварувањето роботите не смеат да бидат повисоки од 50 сантиметри, мораат да стојат на две нози, да имаат сопствени системи за напојување, да користат скии и штеки и да имаат колена кои ќе им овозможуваат да ги виткаат нозете и лактите. Роботите треба да ја регистрираат позицијата на капиите низ патеката преку сензори, низ кои треба да поминуваат самите. Поените се доделуваа за успешно поминати капии, како и за најдобро време на целта, која не успеаја да ја поминат сите роботи.
Скијачите не се единствените роботи кои го привлекуваат вниманието за време на Зимските олимписки игри. Прес-центарот во Пјонгчанг има робот со ознаките на Олимпијадата, кој ги чисти килимите.