Луѓето со шизофренија преку видео игра можат да се тренираат да го контролираат делот од мозокот поврзан со вербалните халуцинации, покажува мала научна студија спроведена врз 12 пациенти.
Пациентите, кои имале секојдневни лоши и заканувачки вербални халуцинации – што е чест симптом на шизофренија, требале да приземјат ракета во видео игра која се движи преку делот од мозокот чувствителен на говор и човеков глас, додека се наоѓаат во апарат за магнетна резонанца.
На пациентите не им било дадено посебно упатство за движење во видео играта, туку тие самите си развиле сопствени ментални стратегии за да ја движат компјутеризирана ракета – и додека го правеле тоа успевале да го намалат звукот на надворешните гласови кои ги слушале.
Со време, пациентите научиле да ја користат оваа техника во нивното секојдневие за да ја намалат силата на халуцинациите. Сепак студијата е мала и овие откритија се уште мораат да бидат потврдени.
Научниот тим од Лондонскиот институт за психијатрија, психологија и неврологија и од Универзитетот во Рохемптон, велат дека оваа техника може да им помогне на пациентите со шизофренија на кои не им делуваат лекарства.
Луѓето со оваа болест се познати по тоа што имаат многу активен аудиторен кортекс, односно се многу почувствителни на звуци и гласови.
„Пациентите знаат дека пред да почнат да им се јавуваат гласовите, тие можат да ги почувствуваат, па ние сакаме тие веднаш ефективно да го искористат оваа помагало за да ги намалат“, изјавила за ББЦ д-р Наташа Орлов, од Лондонскиот колеџ.
Таа додала и дека пациентите во студијата, кои поединечни биле по четири пати во апаратот за магнетна резонанца, откриле дека гласовите кои ги слушале биле помалку надворешни и повеќе внатрешни, правејќи ги помалку стресни. Тие многу подобро успевале да се справуваат со нив.
„Иако студијата е мала и ни недостигаше контролна група, овие резултати се ветувачки. Сега планираме спроведување контролирана студија за да ја тестираме оваа техника на поголем примерок“, посочува Орлов.