Илјадници луѓе вчера повторно протестираа во француските градови поради воведувањето на таканаречената здравствена ковид пропусница за влез во угостителски објекти и културни и спортски настани, пренесува „Н1“.
Шеста сабота по ред, противниците на острите мерки воведени против коронавирусот протестираа против ограничувањата, за кои тврдат дека претставуваат удар врз основните слободи. Здравствената ковид пропусница, воведена пред две недела ја критикуваа многумина, тврдејќи дека со неа индиректно се воведува задолжителна вакцинација против Ковид-19.
Ширум Франција се одржаа повеќе од 200 протестни собири, од кои во Париз беа четири, организирани од различни групи.
И покрај протестите, анкетите покажуваат дека мнозинството Французи го поддржуваат воведувањето здравствени пропусници без кои не може да се влезе во ресторани, кафулиња, кина и музеи.
Пропусниците може да ги добијат лица кои се целосно вакцинирани против коронавирусот, тие кои се негативни на Ковид-19 тестовите или неодамна оздравените од инфекцијата. Околу 60 отсто од Французите се целосно вакцинирани.
Франција пак, веќе еден месец секојдневно забележува повеќе од 22.000 нови случаи на Ковид-19.