Демонстрантите се судрија со полицијата во главниот град на Грузија, Тбилиси, откако парламентот го поддржа контроверзниот предлог-закон за кој критичарите сметаат дека ја ограничува слободата на медиумите и го задушува граѓанското општество.
Полицијата за брзи интервенции употребила водени топови и солзавец за да ги растера граѓаните собрани пред зградата на законодавниот дом.
Дел од демонстрантите на видеоснимките може да се видат како паѓаат на земја, додека останатите вееја знамиња на Грузија и Европската Унија.
Со законот се наложува на сите невладини организации или независни медиуми кај кои повеќе од 20% од своите финансии се добиваат од странство да бидат етикетирани како „странски служби“.
Грузиската опозиција го карактеризираше законот како „легислатива во руски стил“ кој ќе го стигматизира граѓанското општество и независните медиуми во земјата.
„Законот е руски како што сите знаеме… Не сакаме да бидеме дел од поранешниот Советски Сојуз, туку сакаме да сме заедно со Европската Унија, сакаме да бидеме прозападни“, изјавил за Ројтерс еден од демонстрантите.
Против законот имаше и бројни критики од меѓународната заедница. Портпаролот на американскиот Стејт Департмент, Нед Прајс, предлогот го нарече „огромно назадување“, додека шефот за надворешна политика на ЕУ, Јосеф Борел, изјави дека тој е „не е во согласност со вредностите и стандардите на Унијата“.
Русија донесе сличен закон за „странски служби“ во 2012 година, кој со годините го прошируваше со цел да се опфатат невладините организации и медиуми кои добиваат финансиска поддршка од Западот.
Грузиската претседателка, Саломе Зурабишвили, вели дека ги поддржува демонстрантите, додавајќи дека тие ја претставуваат, како што ја нарече „слободната Грузија“, која иднината ја гледа во Европа.
Сепак во парламентот 76 пратеници од владејачката партија дадоа првична поддршка за новиот предлог-закон.
Доколку овој закон биде усвоен Грузија ќе се придружи на листата на недемократски и авторитарни пост-советски држави како Белорусија, Таџикистан и Азербејџан кои го имаат ископирано овој руски закон со кој се ограничуваат активностите на невладиниот сектор.